Tuesday, Apr 23, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаДимитров: Никој не побарал Македонија да стане дестинација за бегалците

Димитров: Никој не побарал Македонија да стане дестинација за бегалците

Шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров преку својот твитер-профил соопшти дека никој од претставниците на Европската Унија досега не побарал Македонија да стане земја дестинација за бегалци.

– Имав стотини средби од 1 јуни наваму. Ниту еден, ниту еден соговорник нема побарано Македонија да стане земја – дестинација за бегалци – напиша Димитров на „Твитер“.

Реакцијата на Димитров доаѓа по засилената кампања на граѓанската иницијатива „Будење“, која собира потписи во повеќе општини во земјава, против, како што велат, изградбата на станови за бегалци, кои државата планира да ги прими на своја територија.

Дел од медиумите тврдат дека зад иницијативата и собирањето потписи стои опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која изминатиов период речиси секој ден преку соопштенија и изјави на свои членови и пратеници во Собранието, обвинува дека Владата планира прием на бегалци и изградба на станови за нивно сместување.

Ваквите тврдења на опозицијата се актуелизираа по објавувањето на нацрт-стратегијата на Министерството за труд и социјална политика за интеграција на бегалци и на странци 2017-2027 и акцискиот план за интеграција на бегалци 2017-2027 година.

Од Владата и од МТСП ги негираат обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ, и тврдат дека не се планира населување на бегалци во земјава и дека Македонија останува само транзитна земја за мигранти.