Thursday, Apr 18, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаДимитров нема да реагира кај Коѕиас за налепниците од грчките цариници

Димитров нема да реагира кај Коѕиас за налепниците од грчките цариници

Иднината на регионот била тема на билатералната средба на шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров, и на неговиот грчки колега, Никос Коѕиас, но и на четиристраната средба што денеска се одржува во Солун, а на која присуствуваат и владини претставници од Бугарија и од Албанија.

– Разговаравме за тоа што можеме да направиме за да создадеме една позитивна визија за иднината и за поблиска соработка на организациите на цивилните општества на двете држави и на универзитетите, за организирање на бизнис-форум, но и за други работи. Во основа, главно беше како да додадеме на овој позитивен прозорец во нашата соработка што се отвора. Претходно, во регионалниот формат разговараме за прекугранична соработка, за зголемување на соработката преку министерствата за внатрешни работи – рече Димитров.

Прашан дали ќе реагира кај Коѕиас поради тоа што грчките цариници на македонските возила лепат налепници на кои пишува дека Грција не ја признава кратенката МК, Димитров рече дека реалноста е дека имаме разлика и дека имаме различни погледи на тоа прашање.

– Ќе има процес кој ќе се обиде да ја затвори таа разлика. Ова не треба да нè чуди. Можам да го отворам тоа прашање, но тоа никој не ми го постави баш сега и различно приоѓаме на тоа прашање. За да се реши прашањето што нè разделува, важно е да најдеме и прашања што нè поврзуваат – рече Димитров.

Македонскиот министер за надворешни работи, за време на посетата на Солун имаше средба и со солунскиот градоначалник Јанис Бутарис, на која се разговарало за развој на билатералната соработка во повеќе области.

– Разговаравме за многу конкретни нешта и се договоривме да формираме работни групи, по локалните избори во Македонија, за да излеземе со поконкретна позитивна агенда за иднината. Знаеме дека има една разлика која ги разделува нашите две општества и нации, но има многу области кои нè поврзуваат. Ми се допаѓа идејата за организирање регионална тура на винските потенцијали за странските посетители – рече Димитров, по средбата со градоначалникот на Солун.