Saturday, Apr 20, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаДимитров: Македонија излезе посилна и позрела од кризата

Димитров: Македонија излезе посилна и позрела од кризата

Во рамките на посетата на Брисел на 18 јули 2017, министерот за надворешни работи Никола Димитров оствари билатерална средба со белгискиот Заменик премиер и Министер за надворешни работи, Дидие Рејндерс.

МНР Димитров упати благодарност за поддршката што Кралството Белгија ја дава на новата реформска Влада, како и за континуираната поддршка на нашите европски и евро-атлантски аспирации.

“Со министерот Рејндерс се согласивме дека билатералните односи се одликуваат со пријателство и со взаемно изразена подготвеност за нивно натамошно унапредување. Двете држави споделуваат исти демократски вредности и интерес за соработка. И покрај активниот пристап и постигнатата позитивна динамика во повеќе области, се согласивме дека постои простор за подинамична соработка.” – истакна МНР Димитров.

Посетата беше искористена за презентација на принципите и мерките од Планот 3-6-9 чија имплементација ќе го подигне квалитетот на односите со ЕУ и ќе внесе нова динамика во процесот на пристапување.

“Македонија излезе посилна и позрела од кризата. Изминатиот период научивме крупни лекции и сме посветени на нашиот европски и евро-атлантски пат. На тој пат ни се потребни пријатели.” – заклучи МНР Димитров.

Тој укажа на потребата од интензивирањето и диверзификација на соработката на економски план, пред се во делот на трговската размена и белгиските директни инвестиции.

Министрите Димитров и Рејндерс имаа можност да разговараат и за други прашања во делот на регионалните и меѓународните односи.