Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаДимитров ќе бара од Габриел помош за почеток на преговорите со ЕУ

Димитров ќе бара од Габриел помош за почеток на преговорите со ЕУ

Министерот за надворешни работи Никола Димитров за време на посетата на Берлин, на 6 септмеври, ќе побара Германија и Европската Унија да и помогнат на Македонија целосно да ја реализира евроатлантската интеграција.

– Ова е шанса и за ЕУ и за Германија да покажат дека не само што можат да помогнат да се стопира кризата и да не оди подлабоко, туку и да помогнат кога има добри работи и добар развој, да се донесе работата до конечен успех – рече Димитров на денешната прес-конференција во Владата.

Прашан дали на средбата со неговиот колега Зигмар Габриел ќе побара вклучување на Германија во решавањето на спорот за името со Грција, Димитров рече дека е поважно е да се обезбеди почеток на пристапните преговори. Тој истакна дека Македонија ја научила својата лекција, но дека и ЕУ има лекција која треба да ја научи.

– Нашата реформска лекција, мислам дека ја научивме. Лекцијата за Европа треба да биде дека е рискантно и штетно една земја да се остава во чекалната зад затворени врати, и за ЕУ и за НАТО. Примарната одговорност за тие заклучени врати ја имаме ние и соседите со кои имаме отворени прашања, во случајот Грција, но и европската политика има минус и одговорност за таквата ситуација. Убеден сум и дека ова е шанса и за Грција – рече Димитров.