Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаДимитров: Дозволите за патување во ЕУ не се во духот на слободата на движење

Димитров: Дозволите за патување во ЕУ не се во духот на слободата на движење

Македонија внимателно го следи развојот на настаните со иницијативата на Европската комисија, граѓаните на трети земји на кои не им е потребна виза за влез во Европската Унија, од 2020 година да аплицираат за дозвола за патување пред да пристигнат во ЕУ, соопшти денеска министерот за надворешни работи, Никола Димитров, по средбата со шефот на косовската дипломатија Беџет Пацоли.

Прашан дали Македонија планира да реагира до Советот на Европа за предложената мерка и дали ќе возврати со реципрочни мерки, Димитров рече дека „ако сакаме да бидеме дел од ЕУ и од шенген-зоната, тогаш слободата на движење е особено важна“.

– Ќе направиме сè да нема дополнителни тешкотии во слободата на движење. Ќе разговарам со сите мои колеги од регионот, да најдеме начин да укажеме дека дополнителни обременувања на слободата на движење не се корисни. Се надевам дека ќе наидеме на разбирање. Што конкретно ќе излезе од тоа, ќе видиме. Мислам дека е рано да се зборува за тоа што треба да се преземе понатаму – рече Димитров, додавајќи дека е потребна поголема отвореност, а не затворање на земјите членки на ЕУ кон регионот и кон Македонија.

Тој рече дека иднината на Балканот е во Европа и изрази благодарност за сè погласните пораки за интегрирање на регионот, но истакна дека е време на конкретни чекори.

– Сакаме 2018 година да биде европска година за Балканот, а ова не соодветствува на тој дух – рече Димитров.

Пацоли повтори дека Косово не треба да остане црна дупка на Европа и изрази надеж дека во 2018 година косовските граѓаните ќе добијат визна либерализација.

Новиот европски систем за патување и овластување (ЕТИАС) треба да овозможи напредни проверки на безвизните патници и на тие за кои се смета дека претставуваат ризик во однос на безбедноста. Пред да заминат во ЕУ, граѓаните ќе треба да платат 10 евра за преку интернет да добијат дозвола за патување во Унијата.