Thursday, Apr 18, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаДимитриев: Побарав увид во доказите и штом ги добијам, ќе се произнесам

Димитриев: Побарав увид во доказите и штом ги добијам, ќе се произнесам

Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен технички премиер Емил Димитриев денеска не дал исказ во Специјалното јавно обвинителство, туку како што изјави побарал увид во доказите за случајот „Талир“, каде тој е еден од 14 осомничени.

– Побарав увид во доказите и штом ги добијам, ќе се произнесам – рече генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ.

Димитриев во СЈО се задржа околу еден час, а беше придружуван од адвокатот Никола Додевски., кој е бранител на повеќето осомничени во случаите што ги води СЈО.

Тој во изјава за медиумите не сакаше да ги коментира наводите од истрагата на СЈО во случајот „Талир“ за нелегално финансирање на ВМРО-ДПМНЕ.

– Да оставиме случајот да се води во институциите, без да даваме дополнителни изјави и коментари – рече Димитриев.
Како што дознаваме, СЈО испратило покани до сите 14 осомничени да дадат исказ за „Талир“ во просториите на обвинителството. Инаку првоосомничен во случајот е лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен премиер, Никола Груевски.
Неофицијално, Груевски, Илија Димовски и Кирил Божиновски денеска нема да дојдат на распит бидејќи наводно не ги добиле поканите.

Околу 12 часот, во просториите на СЈО се појави пратеничката Даниела Рангелова, која исто така е осомничена во случајот „Талир“.