Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаДИК расправа дали да ги врати екстра платите

ДИК расправа дали да ги врати екстра платите

Државната изборна комисија во 14 часот ја закажа седницата на која треба да расправа за исплатата на дополнителни плати на членовите и на вработените во ДИК за спроведување на локалните избори.

ДИК ја закажа седницата откако вчера амбасадорот на САД, Џес Бејли, рече оти слушнал дека членовите на Државната изборна комисија зад затворени врати едногласно си изгласале да добијат четири дополнителни плати по завршувањето на локалните избори во октомври годинава.

– Слушнав дека членови на ДИК си изгласале дополнителна плата за четири дополнителни месеци за нивната работа на октомвриските избори, кои штотуку завршија. Тие претходно дополнително добиле плата и за пет месеци по изборите од 2016 година. Гласањето во Комисијата било едногласно, меѓу сите партии и сите етникуми, а персоналот во Комисијата добил помали бонуси. Јас сум јавен службеник, поддржувам наградување на јавни службеници кои работат повеќе од предвиденото, но имам прашање во врска со ова. ДИК е независно тело. Можеби овој потег бил дури и легален, но гласањето се случило зад затворени врати – рече Бејли.

Од ДИК вчера стигна реакција во која стои дека одлуките за надоместок на вработените во ДИК се носени врз основа на закон, но и врз основа на одговорноста, сложеноста и на обемот на работните задачи и врз основа на извештаите за работа на изборната администрација.

На седницата на ДИК на дневен ред е и разгледувањето и усвојувањето на извештајот за спроведените избори за членови на советите на општините и на советот на Град Скопје и за градоначалници на општините и за градоначалник на Град Скопје.