Wednesday, Apr 24, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаДИК ќе расправа за забелешките на ОБСЕ/ОДИХР

ДИК ќе расправа за забелешките на ОБСЕ/ОДИХР

Државната изборна комисија на седница ќе го разгледа извештајот на ОБСЕ/ОДИХР за локалните избори одржани во неделата, на 15 октомври, и потоа ќе даде свој став.

Портпаролката на ДИК, Љупка Гугучевска, за „Мета“ вели дека практика на ДИК е да ги разгледува забелешките упатени за локалните избори, а потоа да излезе со свој став и со коментари.

Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР во извештајот за локалните избори ја истакнаа нетранспарентноста на ДИК при носењето на одредени одлуки, кои, како што рекоа, биле донесени зад затворени врати, а потоа не сите од нив биле објавени на интернет-страницата на Комисијата.

„Седниците на ДИК беа отворени за набљудувачите, па сепак често материјални одлуки се донесуваа на затворени состаноци. Објавувањето на записниците од седниците беше задоцнето, а не сите одлуки, регулатива и упатства на ДИК се достапни на нејзината веб-страница. Покрај ова, дискусиите на ДИК за политички спорните прашања и непотребното вклучување во оперативната работа на нејзиниот секретаријат повремено резултираа со пропуштени рокови. Тие, исто така, ја задоцнија сеопфатната кампања на ДИК за едукација на гласачите“, се вели во извештајот на набљудувачката мисија.

Според ОБСЕ/ОДИХР, на овие избори не е испочитуван родовиот баланс, особено кај кандидатите за градоначалници. Тие посочуваат дека и покрај ваквата правна обврска, ДИК прифаќала советнички листи кои исто така не биле родово избалансирани.