Thursday, Mar 28, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЏафери: Запалливите изјави на политичарите придонесуваат за влошување на односите со Србија

Џафери: Запалливите изјави на политичарите придонесуваат за влошување на односите со Србија

Претседателот на македонското Собрание Талат Џафери, во интервју за белградската агенција Бета, рече дека македонскиот парламент и тој се отворени за соработка со институциите на Србија и оцени дека запалливите изјави на политичарите „во секој случај придонесуваат за влошување на односите“ меѓу двете земји.

„Тие придонесуваат кон влошување на односите, прво индивидуално меѓу претставниците на институциите, а тоа нормално, преку пропагандата влијае и врз односите меѓу народите, односно граѓаните на државите во регионот. Секој би требало да биде одговорен во контекст на изјавите што ги дава за своите колеги во другите земји“, рече Џафери.

Во врска со изјавата на српски политичари дека албанските политичари во регионот се закана по мирот и стабилноста, не само на Западен Балкан, туку и во Европа, Џафери рече дека мисли оти „од политички аспект не е умесно политичките претставници на народите еден со друг да се квалификуваат на таков начин“.

Џафери уште додаде дека српските и македонските политичари би требало повеќе да комуницираат, без оглед на разликите.

„Моја препорака е што повеќе да комуницираат меѓу себе, без оглед колку различно размислуваат за одредени работи“, рече Џафери.

Запрашан дали би се вклучил во решавање на спорот околу името со Грција, претседателот на македонското Собрание рече дека би ја прифатил таа задача.

„Ако надлежните институции сметаат дека е неопходно вклучување на претседателот на Собранието во процесот на преговарање, разговарање и изнаоѓање на соодветно решение околу тоа прашање, зошто да не“, рече Џафери.

Тој уште напомена дека како претседател на Собранието, при крајно решение нормално би било да биде вклучен и парламентот, имајќи предвид дека одредени одлуки мора да поминат низ парламентарна процедура.