Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЏафери побарал пратениците итно да се усогласат за локалните избори

Џафери побарал пратениците итно да се усогласат за локалните избори

Министерот за локална самоуправа и Заедницата на единиците на локалната самоуправа на Република Македонија до Собранието на Република Македонија доставиле барања со кои се бара Собранието на Република Македонија да најде решение за надминување на состојбата поради неодржувањето на локалните избори и притоа укажале на проблемите што ќе настанат во оваа ситуација, информираат денеска собраниските служби.

„Претседателот на Собранието, Џафери, барањата ги достави до пратениците во Собранието на Република Македонија бидејќи ова прашање исклучиво е во надлежност на Собранието на Република Македонија и бара итно усогласување на сите политички партии во Собранието во однос на потребните измени во Изборниот законик, но и на сите други активности што се однесуваат на постапката утврдена во деловникот на Собранието на Република Македонија како во однос на основање на сите работни тела во Собранието, така и во однос на постапката за разгледување и за донесување на законите“, се вели во соопштението од кабинетот на Џафери.

Вчера Уставниот суд одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста и на законитоста на иницијативите со кои се бараа измени во Законот за локална самоуправа и во Изборниот законик за продолжување на мандатот на градоначалниците и на советите на општините.

Со ваквата одлука на судот, актуелните закони остануваат на сила, односно на градоначалниците и на општинските совети мандатите им завршуваат на 15 мај.