Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЏафери ќе закаже седница за влада кога Заев ќе достави состав на владата

Џафери ќе закаже седница за влада кога Заев ќе достави состав на владата

Седница за избор на влада ќе закажам откако мандатарот Зоран Заев до Собранието ќе достави предлог-програма и предлог-состав на новата влада, изјави претседателот на Собранието, Талат Џафери, откако даде исказ во Основното јавно обвинителство по повод насилните инциденти во Собранието на 27 април.

– Во моментот кога ќе добијам материјал, ќе закажам седница. Паралелно ќе одат две седници: за избор на влада и за локални избори. Ме радува фактот што господинот Иванов го исполни тоа што го очекував. Со тоа во крајна инстанца придонесува да не се создава лоша практика во парламентарниот живот во Македонија, во смисла на индивидуално одлучување или по нечија волја – изјави Џафери.

Тој верува дека додека Иванов е надвор од државата, во следните денови, „со ладна глава ќе размисли за тоа колку тој со своите постапка и одлуки придонел за состојбата во земјата“.

Одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали има комуникација со пратениците од ВМРО-ДПМНМЕ, Џафери рече дека комуникација има и оти не ги урнал сите мостови пред себе.

Инаку, претседателот Иванов денеска испратил писмено известување до Собранието дека го определува претседателот на СДСМ, Зоран Заев, за мандатар за составување Влада во Република Македонија.