Friday, Mar 29, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаДемократски сојуз предлага три фази за решавање на спорот со Грција

Демократски сојуз предлага три фази за решавање на спорот со Грција

Демократскиот сојуз смета дека спорот за името на нашата држава наметнат од Република Грција треба да се решава во три фази.

„Своевременo (крајот на 2009) фазното решавање на спорот беше подржан и од Хозе Мануел Баросo, претседател на Европската комисија и Оли Рен, комесар за проширување на ЕУ , но овој пристап не се прифати од Владата. Имајќи предвид дека само со офанзивна дипломатија и иницијативност од страна на новата Влада можно е процесите да се движат напред, како и цврстата определеност за промени и реформи, Демократскиот сојуз смета дека фазното решавање на спорот со Грција може да биде добра основа за деблокирање на евроатланските процеси“, соопшти партијата на Павле Трајанов.

Со оваа стратегија, ДС предлага прифаќање на компромисно решение за името преку замена на референцата „Поранешна Југословенска Република Македонија“, односно прифаќање на решение за име за меѓународна употреба.

„По прифаќањето име за меѓународна употреба и неговата верификација во Владите од страна на Република Македонија и Република Грција, република Македонија да биде примена во НАТО и да започнат преговорите за полноправно членство во ЕУ, велат од ДС.

Во втората фаза се предлага формирање заедничка Комисија за решавање на сите отворени прашања помеѓу Република Македонија и Република Грција, преку потпишување договори, а во третата фаза на предлог на посредникот Метју Нимиц, да се донесе резолуција од страна на Советот за безбедност на ООН за решавање на спорот, со анекси во кои ќе бидат опфатени постигнатите договори помеѓу Република Македонија и Република Грција.

„Трите фази претставуваат целина на еден процес, кој треба да заврши со носење Резолуција на Советот за безбедност и со верификација (потврда) на анексите, односно на договорите кои ќе бидат постигнати меѓу Република Македонија и Република Грција и истите ќе бидат составен дел на Резолуцијата“, е ставот на Демократскиот сојуз.