Thursday, Mar 28, 2024
HomeДЕНЕШНАСвет„Дејли Мирор“: Тереза Меј е виновна за рекордната миграција во Британија

„Дејли Мирор“: Тереза Меј е виновна за рекордната миграција во Британија

За рекордната нетo-миграција во Британија, од 327.000 лица за една година, е виновна Тереза Меј, сегашната британска премиерка, пишува „Дејли Мирор“.

Лондонскиот весник кој важи за близок на лабуристите, вели дека Меј шест години беше министерка за внатрешни работи и надлежна за работата на службите за имиграција и за владината имиграциона политиката.

Додека Меј беше шеф на Хоум Офисот, владата вети дека годишното ниво на нето миграцијата ќе се сведе на 100.000 лица, приближно како во времето кога премиер беше Маргарет Тачер.

Таквото ветување се покажа сосема нереално, затоа што статистичките показатели секоја година откриваа постојан раст на миграцијата.

Весникот смета дека нереалните ветувања и неуспехот на владата на претходниот премиер Дејвид Камерон да се справат со миграцијата, придонесоа многу за антиевропското расположение на гласачите и за нивното определување на референдумот, од 23 јуни, за напуштање на ЕУ.

Обвинувањата кон премиерката Меј доаѓаат по објавувањето на податоците за миграциските движења и податокот дека Полјаците во Британија сега се најбројната етничка заедница на мигранти во земјата.

Податоците на Националното биро за статистика (ОНС) откриваат дека во 2015 година имало 831 илјада регистрирани Полјаци, дури 750.000 повеќе од 2004 година, кога Полска и уште седум други поранешни, источноевропски комунистички држави, станаа членки на Унијата.

Забрзаната миграција изминатата декада, предизвика 13,3 отсто од населението во државата да се родени во странство. Една четвртина од новородените деца во Англија и во Велс, во текот на минатата година биле од жени родени во странство.

Оние што водеа кампања за Брегзит и нивните медиуми сега бараат од новата влада да ја преземе контролата врз границите и да ја „исчисти“ Британија од странците.

За почеток се бара да се ограничиприливот на неквалификувани странци и за сите оние што немаат обезбедено работа, пред да влезат во земјата.

Медимите навестуваат дека на удар ќе се најдат и „студентите“, односно оние што доаѓаат во Британија за да студираат или да се дообразуваат, а набргу потоа се населуваат.

МИА