Thursday, Apr 25, 2024
HomeГОВОРНИЦАКолумнаДечкото со чоколадите

Дечкото со чоколадите

Како одминуваат деновите се помалку членови од екипажот во бродот на Илинденска бб. веруваат дека ќе го преживеат оваа политичко невреме, па веројатно затоа секој од нив го бара својот чамец за спас пред за тоа да биде прекасно. Едно е јасно, тие итаат кон амбисот, и веројатно изгубениот допир со реалноста ги заслепува да ја согледаат реалната состојба.

Последен од низата избеглици од Илинденска бб. е дечкото со чоколадите од Министерството за финансии. Здравствените проблеми веројатно претставуваа само еден лош изговор кој ќе му овозможи на Ставревски безболно да му го сврти грбот на неговиот кум, односно тоа да не изгледа во јавноста како своевиден распад на системот. Од прислушкуваните разговори минатата година слушнавме дека чоколадо-министерот е најтрезвениот член на владата на Груевски, односно дека е единствениот кој реално уште тогаш ги согледувал состојбите, и веројатно доколку стануваше збор за некој со поголем личен интегритет оваа оставка ќе беше поднесена многу порано. Меѓутоа недостигот на храброст го врза Ставревски за министерското столче уште некоја година плус, и со тоа стана директен учесник во злосторството којшто го направи режимот.

Ако ги погледнете резултатите на Ставревски, онаа негова констатација за чоколадото и за лудаците целосно се обвистинува. Просечната стапка на економски раст во негово време изнесува 2,1 %, стапка што е далеку од онаа посакувана која би ни овозможила подинамичен економски раст. Оваа ниска стапка на раст во голем дел е негова лична заслуга. Имено учеството на капиталните инвестиции во буџетот од година во година процентуално се намалуваше, а се поголем дел од народните пари одеа како што тој милува да каже за купување на чоколадо наместо за инвестиции кои ќе продуцираат раст. Влошената бизнис клима и се помалиот број на како домашни така и странски инвестиции исто така придонеа за ниската стапка на раст. Дуинг бизнис во овој случај би ја оспорил мојата претходна констатација за влошена бизнис клима, и би ја рангирал Македонија на 12-то место, дури и пред една Германија.

zoran-stavrevski-se-drzi-za-glava

Меѓутоа доколку го проанализирате извештајот ќе забележите дека Дуинг бизнис мери 11 индикатори – започнување бизнис, дозволи за градење, добивање струја, регистрирање имот, добивање кредит, заштита на малцински акционери, плаќање даноци, тргување преку граница, спроведување договори, разрешување несолвентност и регулатива на пазарот на труд. Овде нема ништо за другите важни аспекти за водење на бизнис како што се: квалитет на инфраструктура, криминал, корупција, безбедност и сл. аспекти во којшто сме и те како лоши. Иако странските инвестиции се омилена тема за фалење, сепак и покрај огромните субвенционирања на странските инвеститори тие во просек во изминативе осум години изнесуваат 2,5% од БДП, и бележат континуиран пад од 2010-та година па наваму. Како огледало ќе ви го дадам податокот за учеството на странските инвестиции во периодот од 2002-2007 година кој изнесуваше 4,1% од БДП, кои беа постигнати со доста помала помош од страна на тогашните влади кон странските инвеститори. Ова укажува на фактот дека успешната приказна за странските инвестиции е само еден добро спакуван медиунски производ и ништо друго. Секако влошената бизнис клима не е единствена заслуга само на Ставревски, меѓутоа неможеме да порекнеме дека тој не е соучесник во истата.

pari,,

Купувајќи чоколадо за неговиот шеф, Ставревски успеа јавниот долг да го зголеми од 23% на 48% од БДП, или номинално јавниот долг денес изнесува околу 4,2 милијарди евра. И да не остане само како една фраза која министерот ја рекол на телефон во состојба на афект, бројките велат дека тој гаѓал токму во центарот. На пример имаме зголемен број на новоотворени универзитети во изминативе години, а од друга страна сретствата кои се издвојуваат за образованието наместо да се зголемат, тие се намалени. Намалени се и сретствата кои се одвојуваат од буџетот за здраството, па поради тоа го имаме најлошото здравство во Европа, а и едно од најлошите во свет.

Ако на овие поставени бројки се додаде дека ништо значајно изминативе години не е направено во врска со патната, железничката и енергетската инфраструктура, а од друга страна направено е многу во центарот на Скопје, веројатно чоколадо-министерот требало многу порано да му го удри телефонот на оној кој изгубил контакт со реалноста од глава и да си замине. Наместо тоа тој реши “храбро” да молчи и да мери кога е најпогодниот момент за него да скокне од бродот и сега откако не заглави до гуша реши да лета за Вашингтон.

Пишува: Вуко Мелов

Колумната е објавена во порталот doznaj.com.mk