Wednesday, Apr 24, 2024
HomeДЕНЕШНАСветДараја повторно под контрола на сириската влада

Дараја повторно под контрола на сириската влада

Силите на сириската влада ја вратија контролата над Дараја, важното предградие на престолнината Дамаск кое беше под контрола на екстремната сунитска групација Исламска држава и успеале да го одбијат обидот џихадистите да ги повратат позициите, пренесува AFP повикувајќи се на извори во сириската армија.

„Сириската војска целосно ја контролира Дараја. Таму повеќе нема ниеден вооружен човек“, рекол неименуваниот соговорник на агенцијата.

Бунтовниците во Дараја неколку месеци се наоѓаа во целосно опкружување на војската на владата на претседателот Башар ал-Асад. Во ова предградие борбите започнаа во 2012 година кога владините сили го опколија, а според Обединетите нации во Дараја останале да живеат меѓу четири и осум илјади цивили.

Претходно сириската армија и такнаречената умерена вооружена сунитска опозиција која ја поддржува Западот постигнаа согласност, според која градот го напуштија четири илјади цивили, вклучително и семејствата на бунтовниците, и 700 џихадисти со личното вооружување.

Директорот на опозициската Сириска опсерваторија за човекови права (SOHR) со седиште во Лондон, Рахман Абделрахман, повикувајќи се на свои активисти изјавил дека вториот и последен конвој од бунтовници и цивили во саботата излегол од Дараја.

Бунтовниците се упатиле кон Идлиб, а цивилите во Храџела, место коешто е под контрола на владата во Дамаск, дваесетина километри југоисточно од Дараја.