Friday, Mar 29, 2024
HomeГОВОРНИЦАДали приказните кои ги ветија Заев и Ахмети ќе станат реалност?

Дали приказните кои ги ветија Заев и Ахмети ќе станат реалност?

Некаде околу 16:00 часот, вчера по двочасовната средба во клубот на пратениците, со лидерот на ДУИ Али Ахмети, мандатарот  Зоран Заев, се појави пред новинарите и на прес конференција и се обрати на јавноста. Тој соопшти дека со ДУИ ја договориле (старо) новата влада, вклучувајќи ја и ДПА  како коалициски партнер со 1 пратеник. Со тоа, новата владина коалиција ќе брои 62 пратеници, исто колку претходната на почетокот во 2017-тата година. 

Шест министерски ресори кај ДУИ, еден кај БЕСА 

И покрај тоа што во предизборната кампања, Заев упатуваше пораки дека „време му е за опозиција на ДУИ“, бидејќи тоа било „ здраво за демократијата, за државата и за самата ДУИ“, тоа ветување на лидерот на СДСМ не се исполни. Ниту Ахмети не го исполни предизборното ветување за PSE JO прв Албанец премиер, односно Насер Зибери нема да биде политички премиер. Старо-новиот премиер Заев се пофали дека ќе тера полн четиригодишен мандат, со еден исклучок: последните  сто денови од мандатот на оваа влада, ќе бидат предводени од премиер предложен од  ДУИ. Исто така, најавено е дека, пред наредните парламентарни избори, нема да има техничка влада од  сто денови, како што беше практика во изминатите два изборни циклуси, согласно одредбите од Пржинскиот договор. Во морето на шпекулации, кои ресори ќе и припаднат на ДУИ, дали Талат Џафери ќе остане претседател на Собранието, и дали ДУИ ќе го земе Министерството за внатрешни работи, заменик-директорот на ЈСП, Блерим Исмаили, од редовите на ДУИ  на својот ФБ профил објави дека Министерствата за: финансии, надворешни работи, информатичко општество и администрација, екологија, економија, политички систем, како и вицепремиер и претседателот на Собранието се кадри кои од распределбата на колачот и припаѓаат на ДУИ. Веќе е извесно дека Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе припадне на предизборниот коалициски партнер на СДСМ, движењето БЕСА. 

Досегашниот министер за надворешни работи Никола Димитров по информациите во јавноста, најверојатно ќе биде нов министер за правда, додека втората на листа во изборната единица 1, доскорешната министерка за труд и социјална политика Мила Царовска, не е извесно дека ќе остане на истата функција. 

Во своето обраќање до јавноста идниот премиер Зоран Заев се осврна на неколку клучни поенти: продолжување по патот на евроинтеграциите ( отворањето на претпристапните преговори со Европската Унија), борба против корупцијата и организираниот криминал, намалување за 20% на обемната и гломазна јавна администрација, подигнување на животниот стандард, како и социјална помош за најранливите категории на граѓани. Додека го говореше ова, до него стоеше Али Ахмети, вечниот коалициски партнер во сите македонски влади од 2002-та година наваму, со еден исклучок од 2006-2008 та година. Дали ДУИ е засилувањето во оваа влада кое ќе се бори против корупцијата и организираниот криминал, не е прашање на време, туку е реторичко. Прашањето е: зошто ни продаваат басни и приказни?!