HomeГИГА БАЈТХај текХрвати работат на најголемиот дрон во светот за истражувачки цели на НАТО

Хрвати работат на најголемиот дрон во светот за истражувачки цели на НАТО

hrvati-dron

Хрвати работат на најголемиот дрон на светот кој НАТО ќе го користи за извидувачки поморски мисии, во комбинација со беспилотна подморница. Роботичарите се дел од меѓународниот тим експерти кои работат на програмата на НАТО – Наука за мир и безбедност (Science for Peace and Security).

Имено, научниците од загрепскиот електротехнички факултет потпишаа договор со НАТО за реализација на проектот MORUS, кој предвидува изработка на автономен хетероген роботски систем составен од беспилотно летало и беспилотна подморница. Во силна конкуренција од 32 пристигнати пријави, НАТО го оцени проектното решение на хрватските роботичари за најдобро.

Работата на проектот започна во септември минатата година, а тимот го сочинуваат стручњаци од Универзитетот во Дубровник, Електротехничкиот факултет од Сараево, Универзитетот од Лимерик, Република Ирска и Факултетот за електротехника и компјутерски науки при загрепскиот универзитет.

„Двата основни елементи на роботскиот систем кој го градиме се беспилотната подморница и беспилотното летало, а идејата е тие елементи да работат комплетно самостојно, односно без учество на човекот и со меѓусебна координација да извршуваат мирновременски мисии на море“, објаснува лидерот на тимот, професорот Стјепан Богдан.
hrvati-dron-1
Всушност, идејата на овој систем е подморницата да се прикачи на беспилотното летало кое ќе ја пренесе до локацијата на мисијата и ќе ја спушти во морето, по што се враќа во базата. Откако подморницата ќе ја изврши својата мисија, леталото се враќа на местото, ја извлекува од морето и ја враќа назад во базата.

Инаку, беспилотната подморница е произведена во Португалија, и повеќе години се користи за подводни истражувања. Таа може да се спушти на длабочина од 100 метри со брзина од 3 јазли. Долга е 110 сантиметри и тежи околу 25 килограми и поседува батерија која со едно полнење трае до осум часа. Опремена е со најсовремени навигациски апарати (GPS, AHRS и длабински хидролокатор), додека за комуникација со корисникот и другите делови од системот може да користи WiFi, GSM/HSDPA и акустичен модем.

Што се однесува до леталото кое е цел на проектот Морус, интенцијата е да се конструира потполно нов тип на квадротор (дрон) кој ќе работи на мал бензиски мотор.

„Кога се земаат предвид димензиите и тежината на подморницата и времетраењето на летот (околу 1 час), јасно е дека на светот не постои дрон што може да ги изврши бараните задачи“, истакнува Богдан и додава: „Кога ќе се направи, нашето летало ќе биде најголемиот дрон на светот“.

Функционалноста на подморницата веќе е потврдена во пракса, а првите летови на дронот се планираат за крајот на февруари 2017 година, додека демонстрацијата на целиот систем е предвидена на крајот на март.

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com