Friday, Apr 19, 2024
HomeАЈНШТАЈНИЈАЧовекот наспроти Сонцето: Можат ли геоинженеринг технологиите да го забават глобалното затоплување?

Човекот наспроти Сонцето: Можат ли геоинженеринг технологиите да го забават глобалното затоплување?

Вештачки облаци, испраќање на огледала во вселената, создавање на километри-долги меурчиња и морска плима во океанот; ова се неколку идеи што некои научници ги даваат како технолошки решенија за намалување на затоплувањето на планетата во борбата против климатската криза. Дали треба да ги сфатиме сериозно?

Овие технолошки хипотези, нарекувани геоинженеринг или управување со сончевото зрачење (Solar Radiation Management), се засноваат на идејата за рефлектирање на сончевата светлина од земјата со цел да го намалат глобалното затоплување предизвикано од климатската криза. Терминот геоинженеринг честопати се однесува и на техниките за зафаќање и складирање на јаглерод (Carbon Capture and Storage), но тие ќе бидат дискутирани во друга статија.

Најпопуларен метод за геоинженеринг е инјектирање на стратосферен аеросол (Stratospheric Aerosol Injection). Генералната идеја е специјално дизајниран авион да испушта аеросоли во воздухот (најверојатно сулфурен диоксид) кои би ги рефлектирале сончевите зраци од површината на земјата, со што би се намалило затоплувањето на атмосферата. Ова се заснова на природниот ефект на ладење што може да биде предизвикан од голема ерупција на вулкан, како што се случило со ерупцијата на вулканот Пинатубо во 1991 година. Се смета дека оваа ерупција после две или три години ја изладила Земјата за половина степен. Некои истражувања укажуваат на тоа дека аеросолната инјекција исто така може да ги врати моделите на врнежи од дожд во она што биле пред индустриската револуција. Други методи на соларна рефлексија вклучуваат: прскање на солена вода со бродови во облаците со цел тие да се осветлат, отстранување на пердувести облаци кои предизвикуваат радијација (со аеросолна инјекција), испраќање на огромни огледала надвор од орбитата на Земјата, создавање на големи количини на меурчиња или морска пена на огромни површини на океанот и генетско модифицирани култури кои би биле повосочни и рефлективни.

И покрај тоа што сè ова звучи прилично чудно и екстремно, геоинженеринг дискусиите не се невообичаени на конференции и состаноци за климатски промени. Вклучително и на Конференцијата на Страните на Обединетите Нации (COP) каде секоја година се собираат креатори на политики, научници, корпорации и претставници на граѓанското општество за да преговараат како државите колективно да најдат решение за најитниот проблем на планетата. Неговите поборници велат дека геоинженерингот би можел да се искористи за да се намали затоплувањето на планетата за 0,1℃ секоја година сè додека не се постигне вкупно намалување од 1,5℃. Според нив, други потенцијални придобивки од геоинженеринг методите вклучуваат и: обновување на мразот, стопирање на белењето на коралите, дури и позитивно влијание врз глобалното земјоделство.

Важно е да се има предвид дека геоинженерингот само би помогнал да се намали ефектот на затоплување на Земјата, но нема да се справи со продолжувањето на испуштање на емисии и присуството на стакленички гасови во атмосферата. Ова значи дека геоинжинерингот не прави ништо за да го исчисти воздухот што го дишеме, да го запре закиселување на океанот и останатите безбројни негативни последици од климатската криза кои влијаат врз животот на човекот и планетата.

Во овој момент, геоинженерингот е во главно збир на теории и хипотези, бидејќи ниту една од овие „техно-поправки“ не е имплементирана во доволно голем размер за вистински да бидат согледани нивните позитивни ефекти. Но ова исто така значи дека не можеме да бидеме сигурни какви се и несаканите последици од истите. Многу истражувачи тврдат дека имплементацијата на геоинженеринг методите е огромен ризик и може да предизвика сериозни и долгорочни опасности по животната средина и општественото постоење. Ваквите ризици вклучуваат висока изложеност на УВ зраци која негативно ќе влијае на човековото здравје, мешање во моделите на врнежи од дожд или создавање кисели дождови и драстични ефекти врз животинскиот свет како резултат на ненадејни промени во температурата или недоволна сончева светлина за морските животни во океанските длабочини. Не можеме да бидеме сигурни како промената на климата во еден дел од земјината топка ќе влијае на друг и за тоа, што може да се случи доколку ненадејно се прекине работата на геоинженеринг-техниките.

Геоинженеринг исто така предизвикува загриженост по однос на нерамнотежата на глобалната моќ и вооружувањето, со оглед на широкиот и прекуграничен размер со кој би требало да се спроведе. Проектите од овој размер бараат глобални договори и меѓусебна доверба помеѓу државите. Во моменталниот систем во кој живееме, поразвиените земји и големите корпорации (вклучително и големите загадувачи) би имале контрола над овие проекти без да ги земат во предвид помалку моќните, посиромашни земји кои најмногу ќе го почувствуваат товарот на какви било негативни ефекти од ваквите непроверени технологии. Веќе сме сведоци на тоа дека големи корпорации, загадувачи, како од фосилната индустрија (како ExxonMobil и Shell) така и пошироко, покажуваат голем интерес за геоинженеринг како начин да заработат големи профити додека оддолжуваат било каква вистинска климатската акција.

Дури самите застапници на геоинженерингот би ви кажале дека истиот не е наменет да биде решение за климатската криза, туку е мерка што би можела да се користи заедно со намалувањето на емисиите на стакленички гасови во случај на вонредна состојба. Ова е всушност, ставот кој го има IPCC (Меѓувладиниот панел за климатски промени) по однос на можноста за користење на геоинженеринг методите. IPCC, најетаблираното тело на научници во светот, се двоуми во врска со геоинженеринот не само поради големите технички несигурности околу истиот, туку и поради тоа што ваквата „техно-поправка“ лесно може да стане изговор за светските лидери и креатори на политики да продолжат да одложуваат секаква значајна климатска акција. Дури и после дваесет и пет Конференции на Страните на ОН, носителите на одлуки не се ни блиску до постигнување на договорите потребни за ублажување на климатската криза. Професорот Алан Робок од одделот за еколошки науки на универзитетот Рутгерс го истакна ова во интервју за Carbon Brief:

„Вие прашувате дали светот може да се собере и да се договори за употребата на геоинженеринг. Но, одговорот е дека она околу што мораме да се обединиме е ублажување на климатската криза“.

Хипотетичката природа на геоинженерингот и нејзините потенцијални негативни последици се многу проблематични. Креаторите на политики и светските лидери треба да ја насочат својата енергија на драстично намалување на емисиите на стакленички гасови. За да се постигне намалувањето на емисии кои ни е потребно за живот на Земјата, треба сериозно да размислуваме за соборување на сегашниот социо-економски систем во кој живееме и кој е одговорен за толку многу од социјалните и еколошките катастрофи со кои и ние и идните генерации треба да се справуваат.