Wednesday, Apr 24, 2024
HomeДЕНЕШНАРегионЧленови на „Пинк Пантер“ уапсени за провала во станот на хрватската амбасадорка во Црна Гора

Членови на „Пинк Пантер“ уапсени за провала во станот на хрватската амбасадорка во Црна Гора

Црногорската полиција уапси членови на озлогласената банда Пинк Пантер за провала во станот на хрватската амбасадорка во Подгорица, Ивана Сутлиќ Периќ.

Полицијата го уапсила 59-годишниот Рајко Чаушевиќ кој е осомничен дека со уште два лица го извел грабежот на станот на хрватската амбасадорка во Подгорица. Освен него, уапсен и 23-годишник, исто така, од Подгорица.

Според неофицијалните информации од Дневне новине, станот на амбасадорката Сутлиќ-Периќ бил ограбен пред десетина дена во ноќните часови, кога двајцата крадци по инструкција и придружени од Чаушевиќ провалиле во станот преку балконската врата. Крадците однеле вреден уникатен накит, од кои дел е пронајден при нивното апсење.

Чаушевиќ е означен како водач на групата „Пинк Пантер“ во Подгорица, а во една прилика во медиумите изјави дека првпат бил уапсен со само 17 години, а подоцна дел од животот го минал во затвори во Германија, Австрија, Луксембург, Италија, Франција, Шпанија, Шведска, Холандија ….

Последен пат бил во затвор во 2013 година токму во Хрватска, поради позната кражба на препарирана мечка. „Пинк Пантер“ е името коешто Интерпол ѝ го додели на меѓународната криминална група којашто е специјализирана за кражби на накит низ целиот свет од познати јувелирници.