Tuesday, Mar 19, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЧетири години затвор за напаѓачот на Шекеринска

Четири години затвор за напаѓачот на Шекеринска

Панче Ангелов, кој ја нападна Радмила Шекеринска, тогаш пратеничка, а сега актуелна министерка за одбрана, за време на насилствата во Собранието на 27 април годинава, денеска од Кривичниот суд во Скопје е осуден на затворска казна од четири години.

Инаку, за кривично дело насилство предвидена е казна затвор од три до 10 години.

Ангелов на рочиштето, минатата недела, ја призна вината и рече дека ѝ се извинува на целата јавност за грозоморното дело што го направил, а им се извини и на оштетените, односно на Шекеринска.

Неговиот адвокат, Драган Пешевски, кој му беше доделен по службена должност, побара од судот да му одреди пониска казна, а како олеснителни околности ги наведе неговото признание, возраста, каењето и досегашната неосудуваност. Тој додаде дека Ангелов кривичното дело го сторил во момент на афект.

Обвинителката во случајот побара од судот да го казни Ангелов, но притоа да се ценат олеснителните, но и отежнувачките околности.

Ангелов за време на насилствата во Собранието ја повлече Шекеринска за коса, откако претходно беше удрена од статив по главата. Тој, според обвинението, бил во првата група што влегла во Собранието и заедно со најнасилните лица се упатил директно во прес-салата.

Шекеринска на рочиштето минатага недела побара одговорност за Ангелов, но и за организаторите на насилствата во Собранието.