Thursday, Mar 28, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЧавков на тапет во извештајот на МВР за насилствата во Собранието

Чавков на тапет во извештајот на МВР за насилствата во Собранието

Раководителот на оперативниот штаб во МВР Митко Чавков – одговорен за несоодветно постапување на полицијата на „Крвавиот четврток“ во Собранието. Ова, меѓудругото, неофицијално според извори во МВР ќе биде содржано во извештајот за насилствата во Собранието кој го подготви работната група од МВР, јавува „ТВ24“.

Изминатиов период биле сослушани сите инволвирани во инцидентите и врз основа на тоа се донесени заклучоци кој како постапувал. Извештајот се очекува утре да му биде презентиран на министерот за внатрешни, Оливер Спасовски. Од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција засега не откриваат детали, едниствено велат – предметот го водат тим од јавни обвинители.

„Во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во овој предмет постапува тим на јавни обвинители кои во овој момент ги проучуваат доставените списи. Се уште е рано да се даде какво било видување во врска со натамошната постапка. Во Основното јавно обвинителство Скопје интензивно се постапува во насока на утврдување на фактите во предметите и се преземаат соодветни дејствија.“ – соопштија од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Неофицијално, се работи за обемен материјал и темелна истрага и се водат неколку посебни предмети за наслиствата, меѓу другото и за поврзаноста на ВМРО-ДПМНЕ во инцидентите, врз основа на снимките од камерите во Собранието од кои се гледа дека пратеници на ВМРО-ДПМНЕ им ги отвораат собраниските врати на демонстрантите.

Минатата недела скопското јавно обвинителство излезе со соопштение дека утврдило оти постои содејство на неколку осомничени во случувањата во Собранието и сплет на инкриминирани дејствија кои не можат да се препишат само како деликт на масата. Побара во истрагата да се вклучи обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

За насилствата во Собранието се осомничени 30-тина лица за учество во толпа, а двајца за убиство во обид на пратеникот Зијадин Села. Деветтемина обвинети за насилството во Собранието се осудени на условни казни за делото учество во толпа.