Wednesday, Apr 24, 2024
HomeДЕНЕШНАСкопјеБугарски „гатачки“ краделе и лажеле низ Скопје

Бугарски „гатачки“ краделе и лажеле низ Скопје

Две Бугарки лажеле дека се гатачки и под изговор дека ќе растеруваат магии ограбувале скопјанки и украле вкупно над 1 милион денари за два месеци. Ограбувале жени додека разгледувале во продавници и жени кои ги сретнувале пред зграда и кои ги убедувале дека има фрлено магија врз нив или нивните семејства.

Оделе кај нив дома за да им гатаат и наводно да им ги тргнат црните магии, по што ги ограбувале. Сите кражби и измами ги вршеле на сличен начин.

На 3 јули сретнале скопјанка пред нејзината зграда и рекле дека има направено магии врз неа и дека треба да и се гледа за да се тргнат магиите. Додека и гатале, едната од измамничките зела 750 евра, 5000 денари и златни предмети сопственост на оштетената, ги врзала во крпа и ги вратила во креденецот, односно само крпата без парите и предметите во неа.

Потоа, на жената и рекле да не ги отвора до понеделник и си заминале. Десет дена подоцна на идентичен начин пречекале друга жена пред маркет и се понудиле да и ги пренесат работите до станот каде што живеела. Откако влегле во станот едната од нив и се понудила да и гледа, за што и побарала пари.

Оштетената извадила пари и додека првопријавената разговарала, второпријавената ја искористила ситуацијата и и го украла паричникот во кој имало 10.000 евра и 10.000 денари и избегале.

На друга жена во скопската населба Ѓорче Петров, една од Бугарките, и се понудила да и гата, при што и побарала да ги даде обетките и прстенот, а потоа ги зела со себе со изговор дека ќе ги носи во црква за да се фати баењето, а потоа ќе и ги врати во 16.30 часот. Но, избегала и не се вратила.

Друго семејство од Скопје го убедиле дека на синот кој е во странство му е направена магија и побарале од него да ги извади сите пари и злато што ги имале дома за да ја растурат магијата.

Откако им ги дале сите пари и злато што го имаат, ги завиткале во крпа и маица, ги однеле во тоалетот и им рекле околу пет дена да не се отвара крпата. Откако избегале со сите пари и злато семејството сфатило дека во крпата нема ништо и дека им ги украле сите пари и злато.

Против двете се поднесени кривични пријави и одреден им е притвор.

извор:Макфакс