HomeДЕНЕШНАРегионБугарите одлучија: Генералот напредуваше во претседател

Бугарите одлучија: Генералот напредуваше во претседател

gen_maior_rumen_radev

Кандидатот на БСП, Румен Радев победи во вториот круг на претседателските избори. Според податоци од излезните анкети, за него гласале малку над 58% од Бугарите. Во текот на целиот изборен ден, генерал Радев, кој ќе биде петтиот бугарски претседател, имаше значителна предност пред кандидатот на ГЕРБ Цецка Цачева. Таа собра речиси 35% од гласовите. Околу 6% од гласачите прецртале „Не поддржувам никого“, пренесуваат бугарските медиуми.

Румен Радев до неодамна беше командант на воено-воздушните сили, дипломирал на бугарско воено училиште како првенец во генерацијата, со одличен успех поминал и на воздухопловниот колеџ Максвел во САД како мајстор за „стратешки студии”. Генералот е признат воздушен ас, поздравен десетици илјади вљубеници во военото воздухопловство според покажаните вештини со Миг 29 на шоуто на ВВС во Софија.

Како командант Радев два пати најавил подготвеност да си замине од армијата поради разединувањата и недостаток на разбирање со министерот за одбрана Николај Ненчев. Првиот пат поднесе оставка поради „исклучително загрижувачката состојба во авијацијата, недостатокот на јасна, стабилна програма за нејзиниот развој и предложените измени во Законот за вооружените сили кои се однесуваат на заедничката заштита на воздушниот простор и најмногу неговата немоќност да ги менува работите. По состанокот со премиерот Бојко Борисов, командантот на воената авијација ја повлече својата оставка, а неколку дена потоа ја претстави својата визија за развој на авијацијата. Во почетокот на август поднесе барање за пензионирање, повторно поради несогласувања со министерот за одбрана.

Во предизборната трка Радев испрати сериозни пораки поврзани со промени во националната безбедност, како и за независната надворешна политика на Бугарија. Тој вели дека Бугарија треба да се ослободи од својот сателитски синдром. На прашањето дали ќе игра на два фронта – американски или руски, тој одговори: „До неодамна летав на руски авион, дипломиран сум во Америка, но сум бугарски генерал. Мојата кауза е Бугарија“. Инаку, за време на кампањата Радев изјави дека ќе инсистира на што побрзо потпишување на договорот за добрососедство со Македонија.
borisov-radev
Претходно денеска премиерот Бојко Борисов по гласањето изјави дека ако победи генерал Румен Радев, тој ќе поднесе оставка. На прашањето дали може да состави нова влада со мандатот на ГЕРБ во овој парламент, Борисов одговори: „Во ниту еден случај нема да учествуваме во власта, ако изгубиме денес“. Во контекст на ова, Централната изборна комисија (ЦИК) објави дека ќе провери дали премиерот и лидерот на владејачката партија, Бојко Борисов извршил незаконска агитација со своите изјави.

Претседателските избори во Бугарија беа следени со голем интерес од странските медиуми. ДПА, АФП и голем број други новински агенции и печатени медиуми не пропуштија да одбележат дека кандидатот на БСП е проруски настроен. А австриски „Дер Стандард“ пишува дека оставката на Борисов би ја одвела „најсиромашната членка на ЕУ во нова фаза на нестабилност – слично на 2013 година“. ДПА потсетува дека прозападниот актуелен претседател на Бугарија, Росен Плевнелиев, кој е критичен кон Русија, не се кандидира за втор мандат.

Со новоизбраниот претседател Румен Радев, Бугарија ќе го преземе претседавањето со ЕУ – на 1 јануари 2018 година. Потпретседател на земјата ќе биде Илијана Јотова, која во моментов е европратеник.

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com