Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАЕкономијаБуџетска транспарентност: Дали знаете каде одат вашите пари?

Буџетска транспарентност: Дали знаете каде одат вашите пари?

Граѓаните кои земаат просечна плата од 22.190 денари, дневно одвојуваат по 425 денари за давачки кон државата. Ова го покажува пресметката на новата платформа која нуди увид во трошењето на граѓанските пари, Opendata.mk. На конференцијата „Отворени податоци за трошење на јавните средства“ беше посочено дека граѓаните немаат увид за што и каде завршуваат дел од нивните пари.

Граѓаните мора да сфатат дека не гради Владата, туку гради државата од нивните пари, односно од парите кои граѓаните ги даваат за даноци – изјави Сабина Факиќ од Центарот за граѓански комуникации.

Структурата на програмот кој пресметува колку денари дневно еден граѓанин одвојува за функционирање на централната власт е направена според меѓународна систематизација која веќе постои во буџетот. Сепак, невладините оценуваат дека ниту ставките во буџетот не се доволно транспарентни, како на пример ставката за економски работи.

– Целта е да им кажеме на граѓаните дека со нивните пари се финансира и здравството, полицијата, се градат индустриските зони и се доделуваат субвенции. Нудиме можност секој граѓанин да ја внесе својата нето-плата и да види колку го чинат функциите на централната власт пресметувајќи го персоналниот данок, придонесите и данок на додадена вредност, водено според онаа стапка на просечната потрошувачка – Факиќ.

Како земја која направила значителен исчекор во буџетската транспарентност беше посочена соседна Албанија, а претставникот на албанското министерство за финансии изјави дека тоа се должи на воспоставувањето нови регистри преку кои секој има увид колку пари завршиле во секоја институција. Дритан Фино изјави дека со јавното објавување на овие информации се овозможува активен, а не пасивен пристап до истите, бидејќи претходно тие информации биле достапни за граѓаните само преку поднесување на официјално барање.

Инаку, според индексот на буџетската транспарентност, Македонија е на исто рамниште со земјите како Зимбабве, Јемен и Руанда.