Wednesday, Apr 24, 2024
HomeДЕНЕШНАРепубликаБројни семејни трагедии и жртви, не е до кампањите

Бројни семејни трагедии и жртви, не е до кампањите

Уште едно одбележување на Светскиот ден против семејното насилство инспира започнување на повеќе кампањи од невладиниот и владиониот сектор за кревање на свеста, но статистиките се поразителни особено во последните две години кога бевме само неми сведоци на страшните семејни трагедии со повеќекратни убиства и самоубиства.

И овој ноември ќе се носат панделки во симбол на родовата еднаквост, ќе се говори за семејното насилство и за пријавување на насилниците, но ако ги разгледате изминатите трагични случаи ќе забележите една проклета системска неправда, неажурност, чуден полициски протокол на нетретирање на насилниците, трпење на закани за животот и безбедноста на жртвите на тортура, ментална или физичка.

Санела Шкриељ, членка на Национална мрежа против насилство врз жени и семејно насилство информира дека Истанбуската конвенција е конвенција на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејно насилство.

„Ова е најсеопфатниот меѓународен документ од оваа област кој го дефинира и препознава насилството врз жените како кршење на човековите права. Од земјите во регионот само Македонија ја нема ратификувано оваа конвенција, која е потпишана“, изјави Шкриељ.

Елена Димушевска, извршна директорка на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство потсети дека годинава се случија четири убиства на жени.

„Во последните шест години се убиени 16 жени. На 25 ноември 2014 година имавме уште едно трократно убиство. За една година имаме вкупно седум убиени жртви на семејно насилство, а бројот на обидите за убиство е уште поголем. Сите овие убиства се извршени од членови на поблиското семејство, најчесто сегашни или бивши партнери. Во поголемиот дел од овие случаи постоело и веќе било пријавувано семејно насилство“, потенцираше Димушевска.

Покрај одржувањето на веќе постоечките центри за згрижување на жртвите на семејно насилство потребни се и повеќе промени во јавната свест која нема да носи оштествена осуда со оговарање и дополнителна маркација на вина или грешка кај жртвите. Системот мора да одговара за своите грешки и потребно е да се зголемат капацитетите и ингеренциите на социјалните работници, за да не бидеме повеќе неми сведоци на семејни масакри и уште стотина други тивки жртви кои поминуваат низ секојдневни страдања.
Автор
Христијан Станоевиќ