Wednesday, Apr 24, 2024
HomeГОВОРНИЦАКолумнаБританското самоубиство – Брегзит

Британското самоубиство – Брегзит

Сите резултати на анкетите и прелиминарните резултати ни близу не го најавуваа шокот кој следеше на 24-ти јуни изутрината. Ова беше своевиден пораз на Европската Унија и вредностите кои таа ги претставува и победа на десничарскиот популизам за кој по серијата терористички напади и те како има плодна почва за развој.

Овде се поставува клучното прашање: Што доби Британија со Брегзитот? Веројатно ништо, односно придобивките од Брегзитот се исклучително мали и се однесуваат на финансиските сретства кои од нивниот буџет се слеваа во буџетот на Европската Унија, а од друга страна она што го добиваа назад како средства од фондовите беше значително помалку одошто даваа.

brexzit bb

Единствените профитери од брегзитот се екстремните десничари и тоа не само во Бртианија туку и во цела Европа. Лидерот на Партијата за независност на Велика Британија, Најџел Фараж веднаш по добиените резултати изјави дека ова е историски ден за неговата земја. Оваа ги подгрева страстите и кај останатите екстремни десници ширум Европа, па така Французинката Марин Ле Пен, Италијанот Матео Салвини, Холанѓанецот Герт Вилдерс бараат референдуми во нивните земји за да се следи примерот на Велика Британија. Порастот на евроскептицизмот беше тренд кој беше видлив и на минатите европски избори, и овој тренд продолжува да оди во нагорна линија и претставува голема закана за опстанокот на Унијата.

Венет  вели дека “Кризата е процес на трансформација, каде што стариот систем повеќе неможе да се одржува”. Токму ова и се случува на Унијата моментално, односно доколку сакаат да не се распарчат мораат да откријат што е трулото во системот, и да пробаат истото да го решат.

Да се вратам на Британија. Камерон уште пред референдумот рече дека Брегзит претставува ставање “бомба” под британската економија. Ова тврдење на Камерон не е извадено од ракав, туку е и те како точно.Имено погледнете ги предвидувањата на ММФ за последиците по британската економија после Брегзитот.

Меѓународниот монетарен фонд излезе со некои анализи дека во најдобар случај падот на БДП на Велика Британија би изнесувал 1,4 % до 2019-та доколку Британија побара и им биде одобрен специјален статус во Унијата, како оној на Норвешка. Меѓутоа Меркел вели дека нема да има привилегии за Велика Британија, односно ништо од специјалниот статус. Ова ја префрла топката на другата страна, односно на песимистичкото сценарио на ММФ кое би се случило доколку Британија не добие специјален статус, и тоа би резултирало со пад од најмалку 5,4 % од БДП до 2019 година.

Очигледна беше радоста кај одредени дел од Македонците во врска со Брегзитот. Брегзитот не носи ништо добро за Евроспката Унија, па следствено не ни носи ништо добро и нам. Ако го погледнете нашиот трговски биланс ќе забележите дека најголемиот наш трговски партнер е Европската Унија, односно повеќе од 60% од нашиот извоз оди во земјите од Унијата.

Ова значи дека колективниот идиотизам е присутен секаден, па и кај нас. Ако британците гласаа и се радуваа за Брегзитот ( мислам на поголемиот дел од нив), односно се радуваа за пониски плати, помал број на отворени работни места, полабава регулатива на пазарот на труд која за разлика од Европското законодавство помалку ќе го штити послабиот т.е работникот и сл, ние знаејќи дека Европската Унија е нашиот најголем трговски партнер се радуваме на истите работи како и Британците. Ако во Европската Унија не цветаат рози нема да цветаат и кај нас, поради фактот што нашиот раст во еден дел зависи од економскиот раст на земјите од Европска Унија.

Десничарскиот популизам претставува своевиден канцер на Европската Унија кој доколку не биде маргинализиран, ќе ја уништи Унијата. Време е Унијата да сфати колку е часот и да спасува што може да се спаси.

Автор: Вуко Мелов

Колумната е првично објавена на doznaj.com.mk