Thursday, Apr 25, 2024
HomeДЕНЕШНАСветБританија се откажа од претседавање со ЕУ 2017

Британија се откажа од претседавање со ЕУ 2017

По рефендумот од минатиот месец на кој граѓаните го поддржаа Брегзитот, Велика Британија се откажа од претседавањето со Европската Унија, што требаше да го преземе следната година.

Британската премиерка Тереза Меј за оваа одлука синоќа телефонски разговорала со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, пренесоа француските медиуми.

Премиерката Меј одлучи дека Обединетото Кралство треба да се откаже од ротирачкото претседателство со Советот, што требаше да го извршува во втората половина на 2017 година, со објаснување дека земјата за свој приоритет треба да ги постави преговорите за излез од Европската Унија, изјави портпаролката на премиерката во Даунинг Стрит.

– Доналд Туск ја поздрави брзата одлука на премиерката за ова прашање, кое на Советот ќе му овозможи на време да ги преземе алтернативните мерки – истакна портпаролката.

Советот на ЕУ, од своја страна информира дека во нивниот телефонски разговор Туск ѝ сугерирал на Меј дека сака „кадифен развод“, средено и на мирен начин.

Лондон би требало да го преземе шестмесечното претседавање со ЕУ од јули следната година, по Малта, а пред Естонија.

Белгија е членката на ЕУ која е подготвена да го преземе ротирачкото претседателство со Европската Унија во второто полугодие од 2017 година, од кое се откажа Велика Британија, пренесоа француските медиуми.

– Белгија е подготвена да го преземе тоа претседателство, доколку тоа се побара од нас – за француските медиуми изјави портпаролот на белгиското Министерство за надворешни работи.

Конечната одлука за тоа денеска ќе ја донесат амбасадорите на ЕУ .