Thursday, Apr 25, 2024
HomeДЕНЕШНАЕкономијаБрако ќе освојува со камионите со електричен мотор

Брако ќе освојува со камионите со електричен мотор

Постигнувајќи договор за соработка со интернационалната компанија Green Machine, велешката компанија Брако доби лиценца и започна со производство на возила за чистење на градски улици. Уште во првата година на производство, Брако има склучено нарачки за повеќе од 200 возила кои ќе бидат наменети за градови ширум светот.

Возила кои први ја напуштија производната линија на Брако се моделите GM5 и GM6. Тие се возила со кабина и контејнер со волумен од 1,2м3. „Зелениот“ GM5 камион е придвижен од електричен мотор и не остварува било каква емисија на штетни гасови, а GM6 работи на високоефикасен дизелски погон со исклучително ниска емисија на CO2. Овие возила ќе бидат забележани во голем број на градови низ земји како САД, Кина, Англија, Германија, Белгија и Данска. Во наредниот период, очекуваме официјално промовирање на уште 2 помали возила без кабина како додаток на производното портфолио на компанијата Брако.

Континуираните вложувања кои компанијата ги спроведува во зголемување на своите производни капацитети резултира со голема препознатливост на Брако како докажан производител  застапен во различни индустриски гранки, како во Македонија, така и во светски размери. За тоа говори последната инвестиција од 4,5 милиони евра во целосно компјутеризирана хала опремена со високо технолошки машини која се очекува наскоро да биде пуштена во употреба. Со оваа инвестиција, целосното производство во Брако во текот на наредните години ќе биде зголемено,

Познатата македонската компанија Брако која е основана во 1947 година во Велес, со комплетно ревитализиран и обновен машински парк претставува лидер во производството на жичани производи и медицински помагала на Балканот. Отвoрањето на новите производни линии растот на целокупното производство резултира со нови вработувања и голем придонес кон севкупниот економски развој во регионот.