Thursday, Apr 25, 2024
HomeДЕНЕШНАРепубликаБожикниот пост започнува утре – еве го неговото значење

Божикниот пост започнува утре – еве го неговото значење

За православните христијански верници кои се водат според стариот Јулијански календар од утре почнува шестнеделниот Божикен пост кој ќе трае 40 дена, односно до Божик 7 јануари – денот на раѓањето на Исус Христос. Бидејќи датумот на Божик не се менува, постот секоја година почнува на 28 ноември, а завршува на Бадник, 6 јануари.

Христијанскиот пост е воведен по примерот на Исус Христос, кој 40 дена поминал во пустина во пост и молитва. Постот претставува духовна и телесна подготовка на човекот за влез во тајната на претстојниот празник.

Божикниот пост е втор по должината на траењето, веднаш по Велигденскиот. Во однос на „строгоста“ за употреба на храна Божикниот пост е „поблаг“, бидејќи дозволува користење вино, зејтин и риба. Строгиот пост на вода се налага во првата и последната недела, како и секоја среда и петок. Во Православната црква практика е во текот на Божикниот пост верниците да се исповедаат и по можност да се причестат за да бидат што подостојни во подготовката за празнување на Христовото раѓање – Божик. Целта на постот е да се „исчистат“ духот и телото, што се постигнува не само со воздржување од мрсна храна, туку и од лоши мисли, зборови и дела. За време на Божикниот пост посни се и сите славски трпези.

Телесниот пост е неразделно поврзан со духовниот пост. Нема вистински пост без покајание и плач, без смирение, без молитва, без трпение, без љубов и милост кон ближните и без другите Свети Добродетели. Од телесниот пост духовниот отец може да неразреши, но од духовниот пост – никој, па дури ни ангел од небото. Затоа, телесниот пост не е секогаш неопходен како подготовка за Света Причест, додека пак, духовниот е неопходен.
post2Духовниот пост е самата суштина на христијанското живеење и постоење во Црквата. Сепак и телесниот пост многу го помага духовниот. На пример, многу помага за да се вежба трпението, смирението и молитвата, да владее во дух на покајание, а покрај тоа, од она што би се заштедило постејќи, може да им се даде милост и помош на сиромасите. Кога вака правилно би се разбрал постот, не би постоел христијанин кој би можел да се оправда ако не го држи постот.

Со Канонот на Православната црква предвидени се еднодневни и повеќедневни пости. Еднодневните пости се во среда и петок, Водокрст на 18 јануари, Отсекувањето на Главата на Св. Јован Крстител на 11 септември и Крстовден на 27 септември.

Повеќедневни пости се Велигденските, Петровденските, Богородичните и Божикните пости. Лицата кои доследно ги почитуваат правилата постат и секоја среда и петок, бидејќи тоа се деновите кога Христос е осуден и кога умрел на крстот.

Божикниот пост, како и останатите повеќедневни постови, датира од првите векови на Христијанството и се споменува во делата на светите лица од 4 и 5 век. Првобитно постот траел седум дена, а одлуката Христијаните пред празникот – Раѓањето Христово да постат 40 дена донесена е на Собор во 1166 година. Траењето на Божикниот пост се објаснува и со четириесетдневното патување на тројцата мудреци до Витлеемската пештера во која на 25 декември е роден Богомладенецот Исус.

Затоа се вели дека постот е ѕвезда водилка за сите кои Христијанството го одбрале за своја вера, како што за мудреците кои верувале во пророштвото за раѓањето на Спасителот, еднствена водилка била најсветлата ѕвезда на небото која се движела од Западот кон Истокот и која ги довела во Витлеем.