Tuesday, Mar 19, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаБошњаковски: Јавноста со право реагира, но Владата не може да се меша во буџетот на ДИК

Бошњаковски: Јавноста со право реагира, но Владата не може да се меша во буџетот на ДИК

„Државната изборна комисија (ДИК) е независна институција и Владата не може да се меша во тоа како комисијата си го распределува буџетот. Свесни сме дека и медиумите и јавноста бурно реагираа на одлуките на членовите на ДИК да си доделат бонуси, но што се однесува до Владата, таа нема ингеренции да интервенира. За тоа треба да ги прашате во ДИК“, рече портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски, на денешниот брифинг со новинарите, прашан дали Владата во некоја форма дискутирала за случајот што ја возбуди јавноста.

Тој, како што наведува „Мета“, посочи дека проблемот е ист како проблемот со патните трошоци на пратениците во Собранието на Република Македонија.

– Таму е слична ситуацијата, и јавноста со право реагираше, но Владата не може да наложи да се измени деловникот на Собранието. Тоа е нешто што самите пратеници треба да го направат и да отстранат нешто што ја разлутува јавноста – рече Бошњаковски.

Во врска со измената на законот за продажба на алкохол, како што појасни владиниот портпарол, на вчерашната 41. седница на Владата е побарано од Министерството за економија за два месеци да подготви предлог-закон со кој ќе се изменат сегашните одредби. Министерството се консултирало со бизнис-заедницата, односно малопродажната мрежа, и добиени се неколку предлози.

– Министерството за економија ќе треба во рок од два месеци да достави предлог како ќе се продава алкохол – дали само до 23 часот или целосно ќе се отстрани ограничувањето. Се очекува и предлог како да се дефинира продажбата на алкохол и во киосците и на бензинските пумпи, на пример – рече Бошњаковски.

Како што објасни тој, на вчерашната владина седница меѓу 90-те точки на дневниот ред, на АД ЕЛЕМ Владата му наложила да не почнува нови инвестиции и проекти надвор од основната дејност, како што се претходно планираните за жичница до Попова Шапка, потоа ски-центарот на Водно, автокампот Ливадиште…

– Сите тие прекинуваат, а во однос на проектите за кои веќе се почнати некакви активности, ЕЛЕМ треба да изработи анализа за склучените договори, за тоа дали и како некои проекти за кои е почната реализација може да се прекинат, односно да се раскинат договорите – појасни портпаролот на Владата.

Тој појасни и дека претстои голем и комплициран зафат за да се решат проблемите со исплата на прекувремената работа и други трошоци за вработените во јавните институции. Сепак, како што рече, ќе треба многу време за да се регулира таа област, оти станува збор за многу различни специфични случаи и не може да се донесе генерална одлука, но Владата ќе се обиде да ја регулира таа сфера за да се избегнуваат непотребни трошоци.