HomeДЕНЕШНАРегионБосански војник осуден на 3 години затвор за убиство на хрватски цивили

Босански војник осуден на 3 години затвор за убиство на хрватски цивили

Поранешниот припадник на Армијата на Босна и Херцеговина (АБиХ) Јасмин Чоломан е осуден на три години затвор за учество во убиство на хрватски цивили притворени во областа Витез во 1993 година. Жалбениот совет заклучи дека Чоломан, како член на Диверзантскиот одред со седмата муслиманска бригада на АБиХ, на 24 април 1993 година, учествувал во убиството на хрватските цивили, кои биле затворени во Домот на Почулица, во близина на Витез – известува Balkaninsight.

Претседавачот на советот, Драгоје Вукоја, рече дека било докажано дека во пукањето пред притворниот центар во Почулица, биле убиени тројца, а повредени девет цивили.

„Она што е неспорно е дека во овие настани учествувал и Јасмин Чоломан, и уште едно неидентификувано лице, на начинот кој што е наведен во обвинението“, рече Вукоја.

Судот утврди дека Чоломан на 24 Април 1993 година, вооружен дошол пред Младинскиот центар во Почулица, во кој биле притворени хрватски цивили. Откако стражарот одбил да ја отклучи вратата, тој отворил рафален оган од автоматско оружје и преку затворената врата ги убил и повредил затворениците. Вукоја објасни дека Апелацискиот совет им дал верба на сведоците, меѓу кои и на сведокот Рефик Мујезиновиќ, кој го идентификува обвинетиот во судницата.

„Нема сомневање дека сведокот Мујезиновиќ, критичниот ден, поголемиот дел од времето го поминал со Чоломан, поради тоа што го возел до Домот во Почилица, па затоа и добро го видел. Веруваме дека неговото сведочење е меродавно“, истакна судијата.

Чоломан со првостепената пресуда беше ослободен од обвиненијата, но по жалбата на обвинителството, оваа пресуда беше укината, а судењето обновено. Како олеснителни околности, судот го зеде предвид тешкото детство на Чоломан, неговото добро однесување за време на судењето, како и фактот дека Чоломан во времето кога го сторил кривичното дело само што наполни 18 години. Пресудата може да биде обжалена.

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com