Tuesday, Apr 23, 2024
HomeГОВОРНИЦАСтавБомбите над Косово убиваат во Македонија

Бомбите над Косово убиваат во Македонија

Бројките од праксата велат дека секоја година кај се поголем број луѓе се открива канцер. Преку почвата и водата осиромашениот ураниум стигнува до синџирот на исхрана, па токму тоа е најголемата опасност по човековото здравје. Србија, Косово и Македонија се земји кои се погодени од оваа болест токму поради бомбите со осиромашен ураниум кои во 1999 година се фрлени на ова подрачје.

Загадувањето, но и воените активности се мета на осуда на еколошките здуженија кои особено ја потенцираат одговорноста на богатите индустриски земји, кои воедно се регионални или светски, политички, економски и воено моќни и имаат најголемо влијание врз глобалните еколошки проблеми. Најголемите критики на екологистите се насочени кон воената уништувачка моќ и производството на оружје за масовно уништување.

Во рамките на влијанието на воениот фактор врз животната средина особено се истакнува употребата на оружјето за масовно уништување меѓу кое муницијата со осиромашен уранииум, особено бомбите укажуваат многу медицински инстанци, се посебно опасни и убијци во долг период по воените дејствија. Од последиците на осиромашениот урениум страдаат воздухот, почвата, вегетацијата, животните и секако човекот.

Што е осиромашен ураниум?
Тоа е отпаден материјал од процесот во којшто природниот ураниум (U) се збогатува за употреба во нуклеарните реактори и во нуклеарното вооружување. Во споредба со природниот ураниум што содржи 0,7% изотопи на U-235, осиромашениот ураниум е за една третина осиромашен во U-235 компонентата, односно до вредности од 0,2%. Земјите кои развиваат нуклеар-ни програми се соочуваат со проблеми поврзани околу чувањето на ваквиот ра-диоактивен отпад.

Поради големата цврстина осиромашениот ураниум се почесто се употребува за изработка на куршуми („сребрен куршум“ – според жаргонот на Пентагон) за пробивање метални оклопи и бетонски плочи. Американците со него експериментирале речиси четири децении, а во својот воен арсенал почнале да го практикуваат кон крајот на седумдесетите години од дваесеттиот век. Големите количини и ниската цена на чинење овозможуваат осиромашениот ураниум кој има голема густина и é двапати попробивен од оловото, да се користи за повеќе воени цели. Според одредени податоци, најмалку 14 држави во светот поседуваат вакво оружје. Главно е сместено во авионите А-10, во хеликоптерите Апачи, во тенко-вите Абрамс и во крстосувачките ракети Томахавк. Поради зголемената про-бивност и разорност, осиромашениот ураниум се користи како легура во гранатите што се наменети за уништување на оклопните возила.

Проф. д-р Стојан Манолев, физичар:
„Уранот е хемиски елемент со реден број 92 во периодниот систем на хемиските елементи. Неговиот симбол е U, латински назив Uranium). Тој се јавува во повеќе изотопи уран -238; -237; -236; -235, ….. Најраспространет во природата од сите количини на уран е уранот – 238 со 99,3% и уранот – 235 со 0,7% и уран 234 со 0,0055%.
uranium
Период на полураспаѓање е време, временски интервал за кој ќе се распадне половината од почетниот број на радиоактивни јадра. (објаснување на бројките со степенови показатели во горната табела: 109 = 1000 000 000 = 1 милијарда; 106 = 1 000 000 = 1милион; Забележително е дека времето на полуживотот кај уран-238 и уран-235 е ред на големина од милијарда години, што значи после толку време одредена количина од тие материјали се намалува на половина, “буквално“ кажано ако се најдат негде во ваша околина, секогаш би ви биле во друштво милијарда години, “никако да исчезнат“). При нивното распаѓање испуштаат α-алфа или β− – бета честици.

Од ткивата на човечкиот организам во потполност ги апсорбираат алфа честиците само неколку кубни милиметри. Кај живите организми, примарно оштетување настанува со внатрешна експозиција или ако се внесат со инхалација или ингестија (внесување на храна преку устата). Алфа емитерите може да се акомулираат во различни ткива (коски, бубрег, црн дроб, слезена, бели дробови итн.) и да доведат до локално оштетување. Бета честиците се состојат само од електрони, тоа се многу брзи електрони исфрлени од јадрата на радиоактивните атоми. Може да доведат до изгореници или оштетувања на внатрешните органи доколку се внесат со ингестија“.

Осиромашен ураниум е еднакво на нуклеарен отпад. По отстранувањето на уран-235 (235U) и уран – 234 (234U) од природниот ураниум, преостанатиот материјал (ураниум-238) се вика “осиромашен ураниум”, бидејќи го нема изотопот ураниум -235 изотоп. Значи периодот на полураспаѓање на осиромашениот ураниум би бил 4,47 милијарди години.

Нуклеарното гориво во реакторите на нуклеарните електрани по неговата употреба се “осиромашува“ во смисла се истрошуваат количините на уран-235 и уран 234, значи е богат со уран-238. Замената на истрошеното нуклеарно гориво треба да се замени со ново. Претходно користеното гориво кое е фактички “осиромашен ураниум“ веќе се јавува како непотребно и се исфрлува од употреба претставувајќи нуклеарен отпад. Тој е хемиски токсичен и радиоактивен и доколку се внесе во организмот е многу штетен по здравјето. Затоа го складират во посебни контејнери за да не дојдат во допир со почвата и водата.

Осиромашениот ураниум како материјал има многу голема густина, 19050 кг/м3, поголема густина од оловото. Проектил изработен од осиромашен ураниум ги пробива и најцврстите оклопи. Погоден за изработка на артилериска муниција. Внесувајќи муниција од таков вид која ја користат некои армии се загрозува здравјето на војниците кои секојдневно ја носат со себе, работниците во магацините каде се чува истото и околната средина. Местото каде е употребени таква муниција, каде што паѓаат такви проектили повторно се загрозува.

Изложеноста на осиромашен ураниум предизвикува оштетување на бубрезите кај луѓето. Осиромашениот ураниум покажал цитотоксичен, генотоксичен и канцероген ефект во студии на животни. Епидемиолошки докази покажуваат дека ураниумот воопшто предизвикува репродуктивни нарушувања кај луѓето“.

* * * *

Истражувањата и анализите кои влегоа во учебниците за Безбедност и одбрана укажуваат на огромно присуство на оружје за масовно уништување. Современите тенденции укажуваат на податокот за сé поголемото производство на муниција која содржи осиромашен ураниум.

Нато интервенцијата на Косово со бомби со осиромашениот ураниум.
На Косово биле лансирани околу 31.000 проектили или вкупно 10 тони осиромашен ураниум. Најинтензивни дејства имало во реоните на Призрен, Урошевац, Ѓаковица, Дечане и Ѓураковац. Исто така, од 3.000 до 5.000 проектили со осиромашен ураниум се исфрлени на осум локации надвор од Косово.

Користењето на муницијата со осиромашен ураниум претставува повреда на основните принципи на меѓународните хуманитарни права. Ваквата констатација призлегува од следните аргументи:

• внесените честички на осиромашен ураниум во организмот делуваат штетно по здравјето на човекот;
• потенциравме дека муницијата со осиромашен ураниум е забрането оружје со кое се постигнуваат ефекти кои не се во согласност со воените цели;
• осиромашениот ураниум е токсичен и радиоактивен;
• дисперзијата на честичките на осиромашениот ураниум не може да се спречи ниту да се контролира, со што се загрозува цивилното население;
• честичките на осиромашениот ураниум го контаминираат земјиштето со илјадници години.

Американската армија се заштитува од сопственото оружје.
Колку е опасен осиромашениот ураниум по здравјето на луѓето е регистрирано и во прирачникот на американската армија. Војниците мора да носат заштитна облека за да ја заштитат кожата од изложувањето на радиоактивното зрачење од осиромашениот ураниум, како и заштитна маска за спречување на инхалацијата на ураниумската прашина кога работат на одалеченост од 50 метри од борбените возила опремени со муниција со осиромашен ураниум или пак кога борбеното возило е погодено со проектил со радиокативно полнење.

Војниците секогаш мора да се наоѓаат во спротивна насока од движењето на чадот од запалените возила погодени од проектил со осиромашен ураниум. Контаминираната опрема треба да се лоцира подалеку од водните ресурси, комуникациите и сл., пред да се рашири контаминацијата на средината. Деконтаминацијата се спроведува на локации каде што ветерот дува од правецот каде што се стационирани сопствените сили, камповите, складиштата или медицинските зони.

Осиромашен уранииум – тивок децениски убиец.
Страдаат воздухот, водата и почвата – канцероген ланц на исхрана. Особено е штетно ако осиромашениот ураниум дојде во допир со водата и со почвата. Всушност, за да ја разбереме штетата која може да ја предизвика овој нуклеарен отпад, мора да знаеме како се одвива апсорпцијата во почвата.

Проф. д-р Татјана Миткова, агроном:

„Јоните на радионуклеидите во почвата се однесуваат како и другите јони: можат да се апсорбираат и десорбираат, да се транслоцираат, да се апсорбираат од растенијата и да влегуваат во веригата на исхраната и слично. Јадрата на атомите на радионуклеидите се нестабилни. Ова условува нивно произволно распаѓање.

Радионуклеидите се акумулираат на самата површина и со обработка се мешаат со подолните слоеви на почвата. Во растенијата навлегуваат преку лисјата (фолијарно) или индиректно преку почвата и на тој начин влегуваат во синџирот на исхрана.

Радионуклеидите се транспортираат до почвата на разни начини. Можат да се депонираат суво со покрупните честички или преку дожд (аеросоли со најситни честички). Овој пренос зависи од ружата на ветерот. Можат да се транспортираат на големи далечини. Во почвите доаѓаат и со промивање на растителните органи или со наводнување ако ги има во водите за наводнување.

Радионуклеидите кои се во форма на прав или гас, механички се задржуваат на површинскиот слој на почвата, за разлика од растворените форми кои десцедентно се движат низ порите, а најголем дел се апсорбираат на површината на почвата.

Радионуклеидите присутни во почвата се апсорбираат од растенијата влегувајќи во веригата на исхраната и затоа се јавуваат и во прехранбените продукти од растително и животинско потекло. Спосбноста на растенијата да апсорбираат нуклеиди во текот на исхраната, зависи од нивната достапност, од брзината на движењето на нуклеидните катјони во почвата, како и од видот на растенијата кои вегетираат на таквите почви. Според некои сознанија, поголем дел од акумулираните радионуклеиди од страна на растенијата се наоѓа во вегетативните делови, со исклучок на Cs137 кои повеќе се акумулира во семето, поради поголемата подвижност.

Мерки против контаминација на почвата со радионуклеиди се сложен процес. За разлика од деконтаминацијата на почвите од тешките метали, деконтаминацијата од радионуклеиди е повеќе сложена и до денес не е решена.

Загаденоста на почвите со радионуклеидни честици може да се намали со отстранување на површинскиот слој на почвата и депонирање во специјални депонии или со заорување на површинскиот слој со специјални плугови на длабочина од 50 – 80 сантиметри.

Двете мерки се скапи и можат со помал или поголем успех да се применат само на помали површини. На почви со полесен механички состав може да се примени промивање на радионуклеидите со помошп на лимонска, оксална или оцетна киселина. Но, оваа постапка е многу скапа и можно е со промивањето на радионуклеидите да се загадат подземните води.

Во поново време, слично како и со тешките метали, се користат растенијата кои имаат можност за екстракција на радионуклеидите. Научниците откриле дека растенијата од родот Amaranthus retroflexus вршат деконтаминација на почвите од Cs137. Исто така, во околината на Чернобил при вршење на деконтаминацијата на почвите од Cs137 најголеми ефекти со фиторемедијацијата биле постигнати со одгледување на сончоглед“.

* * * *

Бројките од праксата велат дека секоја година кај се поголем број луѓе се открива канцер. Преку почвата и водата осиромашениот ураниум стигнува до синџирот на исхрана, па токму тоа е најголемата опасност по човековото здравје. Србија, Косово и Македонија се земји кои се погодени од оваа болест токму поради бомбите со осиромашен ураниум кои во 1999година се фрлени на ова подрачје.

Она што е најзагрижувачко за докторите е тоа што старосната граница за овие болести опаѓа. На пример, најмладата пациентка со рак на дојка има 17 години. Податоците од гинеколошите клиники на Балканот, исто така бележат зголемување на бројот на млади девојки заболени од рак на грлото на матката.

Според податоци објавени во 2010 година, во периодот од 1997 до 2007 година заболувањето од малигни неоплазми се зголемува со годишна стапка од 3,5 отсто. Во тој период имало 258 заболени лица на 100 илјади жители. Според зачестеноста на канцерот на грлото на матката Макдонија е на неславно второ место во Европа.

Десет тони осиромашен ураниум исфрлен близу Македонија во 1999 година.
Во однос на недостатокот на релевантни статистики потфрлува и Светската здравствена организација, а истата беше и критикувана откако се обелодени сокриениот извештај на НАТО во кој се потврдува употребата на десет тони осиромашен ураниум во Косово во 1999 година.

Извештајот објаснува дека бомбардирањето на НАТО влијаело врз квалитетот на воздухот, земјата и водата што резултирало со последици во синџирот на исхрана. Како рекација од тоа, идните генерации се изложени на зголемен број на заболени од рак, леукемија, абортуси, деформации на новородени бебиња.

Делови од тој извештај излегле во јавноста благодарение на американскиот новинар Роберт Парсонс кој имал увид во извештајот на Канте и го објавил во јуни 1999 година во швајцарскиот весник „Ле Куриер“ со наслов „Алармантен сокриен извештај за последиците од бомбардирањето врз Југославија“.

Парсонс во интервју за „Вести“, обелоденува дека извештаите за последиците од употребата на оружје со осиромашен ураниум по здравјето на народот на Балканот биле критикувани и изменети во канцеларии на ОН. Извештајот бил категоричен во оценката дека идните генерации кои ќе живеат на тие места каде биле фрлени бомбите, ќе заболуваат од рак, леукемија и дека ќе се зголеми бројот на деформитети кај новородени бебиња.

Треба да поминат најмалку 37 години од бомбардирањето за да минат првите опансости – вели Парсонс.
nato_avionn
Во извештајот на Канте се вели дека заради бомбардирањето, природата во Југославија е контаминирана со опасни материи меѓу кои и најопасната ПЦБ, исклучително канцероген и одговорен за имунолошки заболувања. Во извештајот се вели дека еден литар ПЦБ е дововолно за контаминирање милијарда галони вода.

Парсонс вели дека извор го информирал оти во јули 1999 година група научници Швајцарци дошле до драматичен заклучок за ефектот на осиромашениот ураниум на Балканот повеќе отколку што било наведено во извештајот на Канте.

Нивното истражување било дел од активностите на дипломатската група ФОКУС во која биле Швајцарија, Австрија, Русија, Грција. Откако Швајцарија ги платила трошоците сите останати членови требало да молчат, вели Парсонс.

Три институции се клучни во однос на извештајот. Обединетите нации дале налог таков Извештај да се направи и потоа не го објавиле. Извештајот потоа бил доставен до Светската здравствена организација и таму било спречено постапување по него и тоа од Меѓународната агенција за атомска енергија, која има овластувања да спречува објавување на вакви извештаи на светско ниво. Делови од извештајот, сепак објавил Парсонс. Тој ги објавил податоците кои ги сметал за важни и претходно ги селектирал функционерот на светската организација – Бакари Канте а биле наменети за СЗО.

Инаку, неколку годии по бомбардирањето, на четири локалитети во Пчињскиот округ, кој граничи со Косово, пронајдени биле радиоактивни зрна кои не се експлодирани и ги пренеле во Институтот „Винча“ како материјален доказ.

Парсонс, во едно интервју објаснувајќи ги своите сознанија, вели и дека Програмата на ОН за животна средина исто така ги истражувала ефектите од бомбите со осиромашен урниум, но и тие се обиделе да ги сокријат вистинските наоди.

– Кон секоја позначајна цел во Србија при НАТО бомбардовањето во 1999. година е стрелано со различен вид на оружје. Еден од највисоките функционери на УНЕП (Програма на ОН за животна средина, чии експерти ги истражувале последиците од бомбардирањето) тоа ми го потврди. Тие всушност го тестирале оружјето на цивилното население. Тоа е незапамтено воено злосторство – рече за белградски “Новости” Роберт Џејмс Парсонс. Тој рече дека е шокиран: како Америка и НАТО се одлучиле еден народ среде Европе да го нападнат со бомби со осиромашен ураниум.

Проф. д-р Оливер Каранфиловски, хематолог:

„Опасноста по здравјето доаѓа поради продирањето на ураниумот во почвата и последично инкорпорирање, прво во растенијата, а потоа и во живиот свет кој истите ги консумира. Доколку се работи за животни, значи дека изотопите ќе се најдат и во месните преработки, кои потоа би ги консумирале сите ние, а се разбира дека може да бидат и директно консумирани растителни продукти.

Медицинската процена е дека пикот за остварување на оваа верига настани, се случува во период помеѓу 8 и 10 години од „критичниот“ настан.

Најпогодени ткива и органи во човечкото тело, како последица на зрачење, се оние кои имаат брзо размножување. Крвотворниот систем е со таков висок индекс на создавање нови клетки, постојано.

Не можам да зборувам за целиот Балкан, бидејќи не сум сретнал, освен инцидентно, публикации во медицинската литература кои се занимаваат со овој проблем. Kај нас сум анализирал некои бројки врзани за појавата на акутни леукемии. Во Македонија е прилично едноставно да се анализираат вакви податоци за леукемиите, бидејќи сите пациенти се дијагностицираат и се лекуваат на едно место, кај нас на Универзитетската клиника за хематологија во Скопје.

Опсервациите и бројките како и последичните размислувања околу нашите пациени со леукемии, а особено во врска со настаните на Косово и изотопите, се дури и презентирани на еден регионален состанок во 2009 година. И тогаш, но и денес, податоците можат најдалеку да се оценат како сугестивни, но не и конклузивни, бидејќи не постои наука која недвосмислено ќе потврди дека едното е поврзано со другото и само со тоа, односно дека не постои можност дека и некаква друга причина стои зад поголемиот број новодијагностицирани случаи со леукемија во даден период. Тие календарски години (2008 – 2009) се периодот во кој е оправдано да се смета дека појавата на поголем од очекуваниот број малигни заболувања би можел да се поврзе и со радиоактивното дејство на изотопите, по претходно опишаниот пат и принципи.

Редовната бројка e од 25-40 нови леукемии годишно, а за тие две години беше на ниво од 46 односно 60. Но, коректно е тие податоци да се интерпретираат и во контекст на постојаниот раст на бројот на нови малигни заболувања, во секоја нова година, можеби не со многу поголем процент, но сепак. И пред две или три години имавме доста висок број нови леукемии во една година, но може да е случајност.

Можеби некој очекува зголемениот број нови леукемии да се јави од населените места кои гравитираат кон северот на државата, односно кон „засегнатите“ подрачја. Тоа не беше случај, што пак од друга страна го поддржува објаснувањето за појавата на нови леукемии, не поради директното зрачење, туку поради консумирање на производи со содржина на изотопи, што се разбира е широка можност територијално, а временски периодот одговара, односно е во согласност со податоците кои за оваа проблематика се наоѓаат во медицинската литература. Новите пациенти доаѓаа од секаде низ Македонија.

Миграцијата на луѓе, стока, животни, птици, а особено продукти, е апсолутно неограничена.Повторно морам да истакнам дека, од научен аспект, сите согледувања останаа во рамките на можна поврзаност, можеби основани, но сепак претпоставки, односно научно засновани шпекулации. Во секој случај, директна и сигурна поврзаност не може да се потврди“.

* * * *

Десет тони радиоактивен отпад демне и над Македонија.
УНЕП во 1999 година објавила неколку извештаи за влијанието на интервенцијата врз животната средина, но во сите се оградиле од влијанието на ураниумот поради тоа што НАТО се уште не им дал официјални податоци дали го користел. Во март 2000 година НАТО одговорил на прашањата на УНЕП и потврдил дека при интервенцијата се употребени најмалку 9,3 тони осиромашен ураниум. Потврдено е дека американските авиони “А-10” користеле муниција од 30 милиметри, која содржи 300 грама осиромашен ураниум во зрното. Американските авиони при интервенцијата истрелале 31.000 такви проектили. Според НАТО, главни реони на дејство биле западно од патот Пеќ-Ѓаковица-Призрен, околу Kлина, околу Призрен и северно од Сува Река и Урошевац. Но, се наведува во информацијата, оваа муниција “била користена и во многу мисии во други области”.

Во извештај објавен во 2002 година, УНЕП наведува дека е можно загадување на водата со хемиски токсини од проектилите што кородираат во земјата. Според НАТО, во просечен напад три авиони истрелуваат помеѓу 100 и 400 проектили, а просечно од 10 до 14 отсто од нив ја погодуваат целта. Од овие проектили се јавува опасноста од аеросоли, но од оние што промашиле, кои завршиле во почвата, постои опасност дека ќе кородираат и долгорочно ќе ги загадуваат почвата и подземните води.

Она што е најзагрижувачко е фактот дека се зголемува производството на оружјето за масовно уништување, иако во исто време меѓународните институции носат се повеќе резолуции за контрола и заштита од истото.

САД и уште неколку земји се тркаат во производството и контролата на овој вид оружје, додека јавноста е постојано убедувана дека опасност нема. Во овие рамки, Јапонија во 2014 година соопшти дека планира да предаде на САД повеќе од 315 килограми плутониум, како и резеви на високо збогатен ураниум. Овој план го пласираа во јавноста американските и јапонските претставници во Хаг на самитот за нуклеарна безбедност. Договорот во САД беше оценет како „многу значајна заложба за нуклеарна безбедност“. Медиумите сепак нотираа дека договорот претставува „победа на напорите на американскиот претседател Барак Обама во областа на обезбедувањето на нуклеарните материјали во светот“.

Високиот советник на јапонскиот премиер Јосуке Исозаки изјави дека предавањето на високо збогатениот ураниум и плутониум е дел од јапонските напори за спречување на ширење и можна злоупотреба на нуклеарните материјали во терористички цели, што беше и главна цел на Самитот. Од разузнавачките служби на неколку држави излегоа информации според кои неколку терористички групи располагаат со ваков вид на оружје, што ја зголемува опасноста од употреба на истото.

Анализирајќи ја досегашната пракса, јавноста почнува да прашува: од кого повеќе треба да се плашиме, од терористичките или од државните армии?

Истражувањето е објавено на порталот за стратегиски анализи Фазан.мк