HomeДЕНЕШНАРепубликаБитолчани денеска со блокада на патот кон РЕК Битола го изразија незадоволството поради загадувањето на воздухот

Битолчани денеска со блокада на патот кон РЕК Битола го изразија незадоволството поради загадувањето на воздухот

12395611_1197875193575314_386320241_n

Битолчани денеска со блокада на патот кон РЕК Битола го изразија својот револт од енормното загадување на воздухот во градот. Покрај тоа што го блокираа патот за РЕК Битола, битолчани го блокираа и излезот кон Скопје, испраќајки јасна порака до политичарите за потребата од силни и конкретни мерки против аерозагадувањето во градот.

Организаторите на протестот, здружението „За нас се работи“, напоменаа дека овие блокади не се случајни во време на изборна кампања и митинзи на двете најголеми партии од македонскиот блок во Битола.

„Ова не е само аларм за чист воздух, туку протест кон сите политичари да се осврнат и на нашиот проблем, нашиот приоритет за чист воздух. Ако нивен приоритет е да дојдат на власт, наш е да имаме чиста животна средина. И како што ние трпиме од блокадите кога политичарите доаѓаат во Битола, така и тие денеска ќе го почувствуваат тоа заради нашиот приоритет“ – изјави Душко Груевски од здружението „За нас се работи“, напоменувајќи дека не сакаат протестите да се поврзуваат со ниту една политичка опција.

Членовите на здружението излегоа и со меморандум до политичките партии, во кој се наведени неколку барања. Битолчани да не плаќаат за ангажирана моќност на сметките за електрична енергија, да се субвениционира секој потрошен киловат-час, како и тоа да се направи режим на сообраќајот во централното градско подрачје за време на месеците кога загадувањето е најсилно, се дел од барањата содржани во меморандумот на „За нас се работи“.

Инаку, вработените на РЕК кои од прва смена се враќаа од работа, најдоа начин како да ги заобиколат барикадите по алтернативни патишта. Блокадите за чист воздух во Битола, соред најавата на организаторите, ќе продолжат утре и в сабота од 15 до 17 часот.

Извор: meta.mk

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com