Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаБитолскиот градоначалник го изгуби спорот против новинарката Анета Блажевска

Битолскиот градоначалник го изгуби спорот против новинарката Анета Блажевска

Битолскиот градоначалник, Владимир Талески, го изгуби спорот против поранешната новинарка на „Утрински весник“ од Битола, Анета Блажевска, за текстот „Колку е богат Владимир Талески“. Основниот суд Скопје 2 ја отфрли тужбата на како неоснована – пренесува Мета.

Талески бараше одговорност и надоместување на штета за авторскиот текст објавен во ноември 2013 година. Со дописничката Блажевска беа тужени и главниот и одговорен уредник на „Утрински весник“, Соња Крамарска, МПМ како издавач, како и сегашниот пратеник на СДСМ од Битола, Васко Ковачевски.

Новинарката беше тужена за пренесена изјава од седница на Совет во Битола, во ноември 2013 година, каде тогашниот советник, сега пратеник од СДСМ, Васко Ковачевски, говорел за имотната состојба на градоначалникот Талески. Ковачевски од говорницата го прашал Талески како успеал да се збогати во еден мандат за дури шест милиони денари, покажувајќи и анкетен лист за неговата имотна состојба.

Градоначалникот Талески, од четворицата тужени бараше надоместување на нематеријална штета од 42.000 евра или 2.604.000 денари. Тој во тужбата тврдеше дека новинарката Блажевска во својство на новинар и пратеникот Ковачевски со умисла и со намера да му нанесат штета на ликот и на делото, на честа и на угледот, изнеле сопствени навредливи коментари околу неговата имотна состојба.

Филип Медарски, адвокат на новинарката Блажевска, потврди дека го добиле случајот на првостепениот суд.

– Сега чекаме дали тужителот ќе се жали. Сметам дека тужбата на подносителот е неоснована – вели Медарски.

И за поранешниот советник, а сега пратеник Васко Ковачевски, одлуката на судот е исправна.

– Сè уште сметам дека нема навреда и клевета на моето советничко прашање за имотната состојба на градоначалникот и на неговото семејство. Сите аргументи се на наша страна и затоа мислам дека одлуката е исправна – вели Ковачевски.

Откако доби тужба, дописничката Блажевска, по 10 години работа во „Утрински весник“, доби и отказ, кој ѝ беше испратен истиот ден кога таа давала полномошно на адвокатот за да ја застапува на суд.