Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАРепубликаБитола дел од мрежата на креативни градови при УНЕСКО

Битола дел од мрежата на креативни градови при УНЕСКО

Битола, и официјално стана член на мрежата на креативни градови со уште 46 други градови, со што нивниот број достигна 116 креативни градови од целиот свет. Инаку, Битола е првиот град од Македонија кој стана член на оваа престижна мрежа лансирана во 2004 година.

Мрежата е создадена со цел ја стимулира меѓународната соработка, посебно со другите градови членови на мрежата со што се истакнува креативноста да биде мотор на одржливиот урбан развој, социјалната инклузија и културното зрачење.

– Мрежата на креативните градови претставува огромен потенцијал за вреднување на културата како забрзувач на одржливиот развој и јас ги поздравувам новите градови, како и новите земји кои ја збогатија Мрежата и нејзината разноликост, изјави Генералната директорка на УНЕСКО, Ирена Бокова, која ја обелодени листата на новите членки на Мрежата на креативни градови на УНЕСКО.

Мрежата на креативните градови, меѓу кои сега е членка и Битола, ќе продолжи да биде клуч за придонесот во спроведувањето на оваа меѓународна агенда. Со пристапувањето во Мрежата, градовите, се обврзуваат да соработуваат и да развиваат партнерства за промовирање на креативноста и културната индустрија. Да ги споделуваат добрите практики, да се засили учеството во културниот живот и да се интегрира културата во плановите за економски и социјален развој. Идниот состанок на мрежата на градовите е предвидена во септември 2016 во Остерсунд во Шведска.

Битола која се најде во мрежата на креативни градови на УНЕСКО во областа на филмот, се наоѓа заедно со Париз, Лион, Софија, Линц, Брадфорд и Галвеј од Европа.