HomeДЕНЕШНАПолитикаБирото за јавна безбедност се справува со дилери на дрога и шверцери на мигранти

Бирото за јавна безбедност се справува со дилери на дрога и шверцери на мигранти

Бирото за јавна безбедност во изминатиот период извршило повеќе активности за полициски акции кои довеле до заплена на 106 клилограми на дрога, а уапсени се и голем број на шверцери на мигранти, соопшти директорот Митко Чавков.

– При реализацијата на овие девет случаи на недозволена трговија кривично пријавени се 11 лица од кои 10 се македонски државјани од Гостивар, Скопје, Струга, Прилеп и Тетово,  а едно лице е државјанин на Република Албанија, рече Чавков.

Додаде дека освен за случаите за кои веќе ја информирале јавноста како 88-те килограми марихуана во Велес и другите заплени на наркотична дрога во Гостивар, Тетово, Скопје, Прилеп, Струга и Охрид, Бирото за јавна безбедност пресекло и меѓународен канал на недозволена трговија со марихуана на релација Косово- Македонија – Грција со крајна дестинација Турција.

– На 28 септември на Граничниот премин Богородица, на излез од Македонија при извршен преглед во возило, сопственост и управувано на 38 годишно лице од Скопје, пронајдени биле две торби, во кои имало 10 полиетенски пакувања, со околу пет килограми марихуана. По преземените мерки за расчистување на случајот за осомничениот постојат основани сомненија дека е поврзан и со случај кога полициски службеници пронајдоа 4 патни торби во меѓупросторот помеѓу Македонија и Грција, од кои во едната имало автоматска пушка и муниција, а во другите три торби имало околу 9 кг марихуана и тој требало да го изврши транспортот до Турција, информира Чавков.

Во друг случај полициски службеници при извршен претрес во возило пронашле една рачна граната со осигурувач и една најлонска кеса во која имало поголемо пакување со наркотична дрога марихуана по чие вештачење било утврдено дека се работи за количина од 805 грама, а при претрес во домот на осомничениот биле пронајдени и 174 банкноти во апоени од 1.000 денари.

Во септември биле реализирани и три случаи на криумчарење на мигранти при што беа поднесени кривични пријави против девет лица од кои тројца македонски државјани од село Лојане и двајца од Скопје додека останатите лица се странски државјани од Пакистан и Авганистан.

– Во првиот случај Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал по преземени координирани мерки и активности при извршен претрес во куќа сопственост на 46 годишен жител на село Лојане биле пронајдени 35 мигранти, како и шестмина странски државјани кои сега веќе се и кривично пријавени. Меѓу откриените мигранти 17 биле малолетни лица. Во непосредна близина на објектот, дополнително биле пронајдени уште 15 мигранти од Иран. Од извршени разговори со мигрантите било утврдено дека пријавените лица со употреба на физичка сила, закани, уцени и ограничување на слободата на движење, им биле изнудувани дополнителни парични средства, за да го продолжат своето патување во земјите од ЕУ, рече директорот на БЈБ.

Во другиот случај кривично бил пријавен 47 годишен жител на Скопје во близина на село Милeтково со ПМВ „голф“ презел група од 10 мигранти, упатувајќи се кон автопатот во правец од Гевгелија кон Демир Капија, со крајна дестинација Липковски регион. Од страна на полициските службеници во близина на Велес тој бил пронајден и приведен. По обавениот разговор со мигрантите било утврдено дека за нивното криумчарење од Грција во Македонија требало да платат 1.000 евра по лице.

Во третиот случај, како што информира Чавков, бил спречен обид на криумчарење на 10 мигранти при што пријавено е 34 годишно лице од Арачиново. Лицето, во близина на село Марвинци, валандовско, ги прифатило мигрантите со своето возило и се упатило кон Скопје, но било спречено во намерата од страна на полициски службеници од Регионалниот центар за гранични работи Југ.

Од областа на класичниот криминал во текот на септември по преземени мерки и активности реализирани и документирани биле четири покарактеристични случаи од кои два случаи за сторени кривични дела „разбојништва“ во село Градец-гостиварско и едно во Битола и уште две кривични дела од областа нa имотните деликти во Скопје и Прилеп при што кривично пријавени се осум лица.

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com