Saturday, Apr 20, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаБибер: Политичките лидери од Западен Балкан користат автократски начини на владеење

Бибер: Политичките лидери од Западен Балкан користат автократски начини на владеење

Професорот Флоријан Бибер, експерт за Балканот од Универзитетот во Грац, на дебатата која во вторникот се одржа во Европскиот парламент а беше посветена на состојбите на Западен Балкан изјави дека „состојбата на демократијата во регионот е загрижувачка, но ЕУ се уште има предност, посветеност и капацитет“, пренесува порталот European Western Balkans.

Според него, „впечатокот е дека земјите од Западен Балкан немаат направено никаков напредок во консолидирањето на демократијата во последните десет години“, и дека може да се забележи оти во регионот се прави ткн „замена на мирот и демократијата, при што целта е да се обезбеди мир, како замена за создавањето на солидна и сигурна демократија“.

„Постои парадокс помеѓу немањето демократија и процесот на пристапувањето кон ЕУ“, додал тој. Според Бибер, станува збор за нов термин, односно „stabilitocracy“, што значи дека на стабилноста и е даден приоритет пред демократијата, и тоа е она што сега се случува на Западен Балкан.

„Политичките лидери користат автократски начини на владеење“, рекол тој, додавајќи дека автократското однесување е се поприсутно и дека ЕУ нема да може да замижи кога станува збор за вакви проблеми, во спротивно „луѓето ќе ја загубат надежта во Унијата“. „На тој начин ЕУ може да го загуби Западниот Балкан, но исто така Западниот Балкан би можел да ја загуби ЕУ“, порача Бибер.