Friday, Mar 29, 2024
HomeРЕФЛЕКТОРМедиумиБи-Би-Си знаеле за педофилските напади на нивниот диџеј, но не реагирале

Би-Би-Си знаеле за педофилските напади на нивниот диџеј, но не реагирале

Во Би-Би-Си се знаело за сексуалните напади врз тинејџерки и млади жени, што во шеесетите години на 20 век и подоцна, ги извршувале нивните тогаш мошне популарен диск џокеј Џими Савил и познатиот презентерот Стјуарт Хол, но никој не презел ништо да се запре педофилијата под покривот на компанијата, се вели во заклучокот од истрагата за овие случувања од пред повеќе од 50 години.

Истрагата со која раководеше поранешниот судија на Врховниот суд на Велика Британија, Џенет Смит, заклучи дека прикривањето и молчењето во Би-Би-Си било резултат на стравот од јавноста. Направените испитувања и разговорите со 700 лица, меѓу кои и со 117 сведоци, потврдиле дека тогашната радио и телевизиска ѕвезда Савил, има извршено сексулано насилство врз 72 девојки и млади жени, вклучувајќи и осум силувања на девојчиња, додека Хол има 21 еден таков случај.

Станува збор за тинејџерки и помлади девојчиња кои биле повикувани да учествуваат во снимањето на тв програмата за поп музика „Топ оф д Попс„, која ја водел Савил. Дел од нив биле присилени на сексуални односи со популарниот диџеј, што обично се случувало во неговата гардероба. Според Џенет Смит, извесен број средно рангирани функционери во компанијата, како и двајца високи менаџери, знаеле за „злосторствата на чудовиштата„ Савил и Хол, но не им кажале на повисоките функционери.

Истрагата откри дека првпат било споменато што прави Савил со малолетните и млади гостинки во неговата програма, пред крајот на осумдесетите години на 20 век, но сведокот бил „замолчен„ со објаснување дека не смее да зборува за тоа затоа што Савил сега е славна личност.

Скандалот со двајцата водители беше отворен набргу по неговата смрт во 2011 година, кога неколкумина сега средновечни жени првпат проговорија во лондонските таблоиди дека биле силувани од Савил и дека тој не заслужува почит и респект каков што му се даваше. Хол (86) кој се има прославено како водител на една забавна контакт програма беше осуден во 2013 година, откако призна за 13 случаи на сексуално насилство.

Генералниот директор на Би-Би-Си, Тони Хол изрази длабоко жалење за она што се случувло и јавно им се извини на жртвите. Адвокатите на 168 жртви на Савил, меѓутоа, сметаат дека извештајот за „вината“ на компанија делува како „перење раце“ и побара судска разрешница на скандалот.