Saturday, Apr 20, 2024
HomeДЕНЕШНАСкопјеБесплатна карта за сите што читаат во автобус

Бесплатна карта за сите што читаат во автобус

Со презентација на активностите за заштита на животната средина Градот Скопје вчера го означи почетокот на
Европската недела на мобилност 2015, која ќе се одржува до 22 септември кога традиционално ќе заврши со
големо велосипедско дефиле на градските улици. Денеска во рамките на кампањата граѓаните што ќе читаат
книга во автобус, ќе се возат бесплатно.

– Европската недела на мобилност е кампања која промовира визија на градски улици на кои не доминираат
моторните возила. Тоа е недела на велосипедистите, пешаците, возачите на ролерки, тротинети и скејтборди – на
сите учесници што не ја загадуваат средината, не прават бучава и не го заземаат животниот простор на граѓаните –
изјави Трајановски.

Оваа година мотото е: „Избери. Промени. Kомбинирај“, а како што истакна градоначалникот, идејата е да се
поттикнат луѓето да размислуваат за опциите за превоз и да комбинираат разни начини на движење. На првиот ден се одржаа презентации на инвентарот на стакленички гасови за Скопје, на меѓународниот проект на УНДП за урбана отпорност на катастрофи и последици од климатските промени, во кој Градот Скопје е главен учесник, како и на планот за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух за агломерацијата Скопски регион и Интегрираниот катастар на загадувачи на Скопје – два документа што се во изработка.

Градот го објави и конкурсот за избор на најстар велосипед што е во функција, најубаво украсен велосипед,
најубав и најфункционален дизајн на велопаркинг, како и ликовен натпревар за средношколци. Денеска под мотото „Избери образование. Промени го својот став“ превозот ќе биде бесплатен за сите што во автобус читаат книга, а контролорите на ЈСП ќе доделуваат бесплатни билети на сите што читаат за време на возењето. На полигонот во АСУЦ ќе има целодневна обука за сообраќајни прописи и знаци, вежби со велосипеди, трки, електрични велосипеди и др.

Утре во кампусот на техничките факултети ќе има саем за електрични и хибридни возила, а во 18.30 часот ќе биде
отворен „Балкан бајк фестивал 2015“ пред „Сити мол“. В сабота ќе се одржи велосипедски маратон од кејот на
Вардар кон врвот на Водно по земјен пат. В недела ќе има повеќе велотрки во центарот, а в понеделник е
работниот пикник на Водно.