Friday, Mar 29, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаБеса го осуди „говорот на омраза и ксенофобијата во училиштата и во МАНУ“

Беса го осуди „говорот на омраза и ксенофобијата во училиштата и во МАНУ“

Движењето Беса денеска го осуди мешањето на политиката во основните и во средните училишта и принудувањето ученици да излезат на протестите што, како што стои во соопштението, ги организира македонската партија на власт, а на кои се слушаат „ксенофобични, расистички и извици кои поттикнуваат омраза кон Албанците“.

„Вчера беше објавена една видеоснимка, во која директорот на едно средно училиште во Прилеп јавно држеше говор на омраза против Албанците и албанскиот јазик и бараше од учениците да се мобилизираат и да учествуваат во протестите, кои се организираат под изговорот дека се за заштита на унитарниот карактер на државата и за заштита на македонскиот од албанскиот јазик. Движењето Беса најостро го осудува политизирањето на основните и на средните училишта и апелира до надлежните институции, како што се Министерството за образование и наука и Државниот просветен инспекторат, како и до другите институции, да преземат чекори и да го осудат ваквото однесување и притисоци врз учениците и вработените од страна на директорите на училиштата“, стои во соопштението од Беса.

Од партијата велат дека деновиве и академици од Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) го засилиле говорот на омраза, кој повеќе им доликува на инквизитори и на антисемити отколку на луѓе од образованието, науката и од културата.

„Исто така, се надеваме дека и другите разумни интелектуалци и академици ќе се дистанцираат од говорот на омраза, кој денеска се слуша и од институцијата што треба да биде гнездо на знаењето и на највисоките интелектуални вредности, како што е МАНУ“, велат од Движењето Беса.