HomeДЕНЕШНАПолитикаБејли уверува дека пријателството со САД ќе се задржи и по изборите

Бејли уверува дека пријателството со САД ќе се задржи и по изборите

bejli_intervju_0

Доналд Трамп како претставник на Републиканската партија е 45-от претседател на САД во импресивен пресврт на изборите, па сигурно сите се прашуваат што тоа ќе значи за Македонија и односите кон нашата земја. Според американскиот амбасадор Џес Бејли доддршката на САД кон Македонија останува иста и нема да се промени, изјави изутринава во прес центарот во скопскиот хотел „Александар палас“ каде што се следеа резултатите од претседателските избори во САД.

– Кампањите се период за нагласување на разликите, додека постизборниот период во САД е време на соединување. И сега кога кампањата е завршена, ние од Амбасадата и администрацијата ќе се вратиме на својата работа на градење добри врски помеѓу Македонија и САД, рече Бејли.

Добрата иднина, додаде американскиот амабасадор, е нешто што е заедничко за сите.

– Луѓето од Македонија и САД сакаат просперитет и добро образование за своите деца, како и мир и напредок во светот. Не секогаш ќе се согласуваме како да стигнеме до тоа, но целта е секогаш иста, изјави Бејли.

Истакна дека секои четири години погледите на светот се насочени кон САД и изборот на нов претседател.

– Секои четири години САД слават нешто специјално, право што е во самата основа на нашата држава, право за кое луѓето се бореле. Оваа кампања секако предизвика доста врева, но најважно од сето тоа е дека американските граѓани излегоа да го остварат своето право на глас и нивниот глас ќе биде слушнат, рече Бејли.

Изборот на претседател, наведе Бејли, е сериозна работа и наспроти сета бучава што оваа кампања ја предизвика, таа се занимава и со проблемите на вистинските луѓе, економијата, трговијата, тероризмот, образованието и ангажманот на САД во светот.

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com