Saturday, Apr 20, 2024
HomeДЕНЕШНАРегионБелград и Приштина се договорија за телекомуникациите

Белград и Приштина се договорија за телекомуникациите

Белград и Приштина се договорија за телекомуникациите. Договорите што во Брисел ги постигнаа премиерите на Србија и на Косово, Александар Вучиќ и Иса Мустафа претставуваат пресвртница во преговорите меѓу Белград и Приштина.

„Добра вест е дека прашањето за телекомуникациите е решено. Ние по ова прашање сме исклучително задоволни. Србија ќе има своја компанија на просторот на Косово и ќе може да ги користи телефонските услуги како и досега, по ист систем на тарифирање и начин на бирање на броевите како во централна Србија“, рече генерал Драган Владисављевиќ, в.д. директор на бирото за координација во преговорите со Приштина.

Овој договор, сепак, нема да биде потпишан се додека не биде постигнат договор и за останатите точки за кои во Брисел уште се преговара. На дневен ред се формирањето на заедница на српски општини, енергетиката и слободата на движење преку мостот Ибар во Косовска Митровица.

Се очекува дека ќе биде најтешко да се постигне компромис за енергетиката, бидејќи Приштина бара сопственост на целиот дистрибутивен систем, што е за Белград неприфатливо, со оглед дека дел од комплексот на хидоренергетскиот комплекс Газивода на северот на Косово во голем дел се наоѓа ма територијата на Србија.