Saturday, Apr 20, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаБарокната палата на ВМРО ДПМНЕ станува дивоградба – Општина Центар го поништи планот

Барокната палата на ВМРО ДПМНЕ станува дивоградба – Општина Центар го поништи планот

Барконата палата која прерасна од мала жолта куќичка е пред рушење. Седиштето на досегашната владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ ќе добие статус на дивоградба, бидејќи ќе се најде на листата објекти чии одобренија за градење ќе бидат поништени по одлуката на Општина Центар за поништување на четири урбанистички планови кои се однесуваат на централното градско подрачје.

Барокната палата е дел од проектот „Скопје 2014“, а сегашниот иглед на објектот е предвиден со планот „Мал ринг“ усвоен во 2012. Советот на Општина Центар во средата го поништи овој план.

Општината ќе ги поништи сите одобренија за градење издадени од септември 2012 – досега, согласно плановите Голем Ринг – Јужен дел – Запад, Централно зеленило покрај река Вардар – Јужен дел, Централно градско подрачје – Мал Ринг и Голем ринг – Јужен дел – Исток изгласани во 2012.

„Одобрението за градење на објектот Општина Центар го издала на 10.04.2013 година на ВМРО-ДПМНЕ и Бетон АД Скопје. И покрај тоа што зградата е веселна, одобрението ќе биде поништено оти објектот сѐ уште не е заведен во Катастар. Процедурите за негово заведување не се завршени бидејќи има отстапувања и од ова одобрение за градење, поради кои не може да се направи технички прием на објектот. Поништеното одобрение за оваа зграда, исто како и за останатите кои се изградени, но не се заведени во Катстар, ќе значи дека инвеститорот треба повторно да поднесе барање за одобрение. Градбите кои ги има во стариот план, оној што важел до 2012, ќе добијат нови одобренија за градење, но оние што не се предвидени ќе добијат статус дивоградби. Во стариот план го има објектот во кој е сместено седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, но со далеку помали димензии“, велат од Општина Центар.

ВМРО-ДПМНЕ ја ставила под хипотека партиската зграда за да земе кредит од три милиони евра од Комерцијална банка неколку дена пред изборите на 11 декември. Како што пишуваше во Службен весник, партијата зела „рамковен риволвинг кредит“, што значи дека не морала да ги подигнe сите три милиони евра одеднаш. Освен својот дел од палатата, ВМРО-ДПМНЕ во банката заложила и подвижен имот и опрема. Зградата во период од 2013 до 2015 година ја изгради скопски „Бетон“ на Минчо Јорданов, врз земјиштето во центарот на Скопје што е сопственост на партијата и каде што се наоѓаше нивното седиште, т.н. „жолта куќа“.

Секторот за урбанизам во Центар има рок до следната среда да достави до градоначалникот список со објекти чии одобренија ќе бидат поништени. Согласно четирите планови, општинарите очекуваат бројот на поништени одобренија за градење од 2012 година досега да биде околу 30. Кај издадените одобренија за градење за објекти на државно земјиште кои воопшто не почнале да се градат, од Општината велат дека ќе настојуваат да бидат поништени и продажбите на земјиштето и тоа да се врати во сопственост на државата. Такви се Шпанските скали на Плоштад Македонија, катната гаража зад поранешен „Метропол“, катната гаража кај „Аутомакедонија“, кулите и подземната сообраќајница кај Јужен булевар, улицата на Кеј 13 Ноември.

Од Општината најавуваат стопирање на изградбата и на Панорамското тркало, Офицерски дом и хотелот до него, споменикот на Мајка Тереза до Плоштадот, за кои, пак, е предвидена посебна процедура оти веќе се градат. За нив изградбата треба да сопре, да се направат анализи дали се предвидени во старите планови, да се извадат нови одобренија за градење па дури потоа да продолжи градењето доколку се исполнат ваквите услови.

извор: СДК.мк