Thursday, Apr 25, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаБарањето БПЦ да биде наша мајка црква е логично и потребно, смета владиката Наум

Барањето БПЦ да биде наша мајка црква е логично и потребно, смета владиката Наум

Барањето на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) да ја прифати Бугарската православна црква (БПЦ) како мајка црква е нормално, логично и потребно, пишува струмичкиот митрополит Наум во анализата за бугарската новинска агенција БГНЕС.

Митрополитот Наум во својата кратка анализа ја објаснува врската меѓу БПЦ и МПЦ-ОА, на ден пред БПЦ да го разгледува писмото од МПЦ.

„Барањето на МПЦ да ја прифати БПЦ како мајка црква, како услов за признавање на автокефалноста на МПЦ-ОА, е барање кое со години наназад го слушаме од некои бугарски архиереи. Ова барање МПЦ го смета за нормално, логично и потребно, затоа што некоја црква и така мора да се јави како мајка црква, која ќе нè извлече од изолацијата што ни е наметната од СПЦ (Српската православна црква) и која, потоа ќе нè заштитува, застапува и ќе нè претставува пред вселенскиот патријарх и пред другите православни цркви, а најприродно тоа може да биде само БПЦ. Мајка црква не е толку заедничко за минатото, колку што е заедничко за иднината во богочовекот Христос. Мајка црква е љубов“, пишува владиката Наум.

Тој објаснува дека од моментот кога БПЦ ќе ја признае автокефалноста на МПЦ-ОА, двете цркви стануваат „сестрински цркви“, што значи дека ќе бидат рамноправни. Но, улогата на БПЦ како мајка црква, пишува митрополитот Наум, тука не престанува во однос на другите православни цркви – БПЦ и понатаму ја има честа да ја претставува пред другите православни цркви сè додека МПЦ не го добие „томосот за автокефалност“.

Според владиката, воспоставување на евхаристичката заедница меѓу БПЦ и МПЦ-ОА е природна последица дури и на Договорот за пријателство и соработка меѓу Бугарија и Македонија и е во согласност со евроатлантските интеграциски процеси кон кои се стреми Македонија со помош на Бугарија.

„Во светот на глобализацијата, повеќе е веројатно дека ќе нè молат да влеземе во единство со православните цркви или дури и ќе нè натераат сосила, отколку и понатаму да бидеме изолирани. Во случај на брзо решавање на спорот што Грција го има со нашето име, сигурно ќе се реши и статусот на МПЦ, а БПЦ дури тогаш ќе сфати што, пред Бог, пропуштила“, пишува владиката струмички Наум во анализата за БГНЕС.