Friday, Mar 29, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаБарањата на граѓанскот сектор од Балканот се прифатливи, вели Хан

Барањата на граѓанскот сектор од Балканот се прифатливи, вели Хан

Најголем дел, околу 90 отсто од барањата и од препораките на граѓанскиот сектор од Балканот се прифатливи, само треба да се најде начин за нивна имплементација, оцени еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, денеска во Трст, откако присуствуваше на средбата меѓу претставниците на граѓанскиот сектор и шефовите на дипломатиите на земјите од Западен Балкан. На средбата шефот на македонската дипломатија ги охрабри граѓанските организации и иницијативи да ја критикуваат власта.

По вчерашниот целодневен Форум на цивилното општество, барањата на министрите и на еврокомесарот им ги презентираше Срѓан Сушиќ, консултант на германската фондација „Хајнрих Бел“, која е коорганизатор на настанот.

Министрите, меѓу кои и шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров, позитивно реагираа и побараа од граѓанскиот сектор уште поактивна улога. Димитров ја истакна улогата на невладиниот сектор во неодамнешната криза во Македонија, оценувајќи дека таа помогнала во евроинтеграциските процеси.

– Желбата на регионот е да влезе во ЕУ. Веќе изгубивме многу време и крајно време е да ја завршиме работата. Критичкиот однос е многу важен и затоа немојте да се двоумите дали да нè критикувате – изјавил Димитров.

Препораките се однесуваат на демократските процеси, владеењето на правото, деловното опкружување и иновациите, енергијата и климатските промени и слободата на говорот и улогата на медиумите, што беше посебно нагласена од еврокомесарот Хан, како многу важен услов за евроинтеграциите и како критична точка во регионот.

– Медиумските слободи можат да бидат унапредени само доколку создадеме медиумски пазар и со тоа да им овозможиме на медиумите да не бидат зависни од финансиска помош – оцени Хан.

Третиот Форум на цивилното општество од Западен Балкан, на кој учествуваа и претставници од Македонија, беше замислен како претходница на денешниот самит во Трст. Шефовите на дипломатиите и премиерите на Македонија, Албанија, БИХ, Црна Гора, Косово и на Србија треба да ги земат предвид барањата на граѓанскиот сектор, кој од страна на ЕУ е оценет како значаен фактор за побрза евроинтеграција и е составен дел од Берлинскиот процес.

Состанокот на Западен Балкан со ЕУ завршува вечерва, со заедничка декларација и со одлуки кои ќе бидат сериозно придвижување кон регионалната соработка и забрзување на евроинтеграциските процеси.