Thursday, Mar 28, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаБалканците не ги сакаат „свиркачите“, а најнесакани се во Македонија

Балканците не ги сакаат „свиркачите“, а најнесакани се во Македонија

Укажувачите на криминал и на корупција (whistleblowers) не се популарни, односно ја немаат поддршката ниту од граѓаните во земјите од Западен Балкан, а најмалку во Македонија, покажува истражувањето спроведено во седум земји, врз 7.000 испитаници, поддржано од Регионалниот совет за соработка (РСС) со седиште во Сараево.

Истражувањето, кое е прво од ваков вид, е спроведено во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Србија, Хрватска и во Црна Гора. Резултатите покажуваат дека само нешто повеќе од половина од граѓаните ги подржуваат укажувачите.

Во просек, секој шести граѓанин од земјите од регионот мисли дека укажувачите треба да се казнат, а во Македонија дури секој трет испитаник смета дека укажувањето на корупција и на криминал е неприфатливо и таквите лица заслужуваат казна.

Македонија, иако има еден од најсеопфатните закони за заштита на укажувачитево споредба со земјите од регионот, има најмала поддршка за нив. Само 41,4 отсто од граѓаните сметаат дека укажувањето на корупција и на криминал е прифатливо, додека 30,4 отсто сметаат дека тие лица треба да бидат казнети, дури и ако откриваат сериозни неправилности. Нешто повеќе од 28 отсто не знаеле или не сакале да одговорат на прашањето.

На ниво на компании или организации и институции, поддршката е уште помала. Само 36 отсто сметаат дека се чувствуваат повикани да пријават ако увидат криминал или корупција, што е далеку под просекот во регионот, покажало истражувањето.

Од РСС нотираат дека анализата покажува дискрепанца помеѓу високата загриженост за состојбите со криминалот и со корупцијата во земјите од Западен Балкан и релативно слабата поддршка за укажувачите на ваквите појави.

– Корупцијата и неефикасноста за нејзиното решавање и понатаму се причина за голема загрижност во општествата во Југоисточна Европа, но, како што покажа истражувањето, тоа сè уште не се трансформирало во поддршка на јавноста кон укажувачите – вели експертот за реформа на јавната администрација и борба против корупција при РСС, Раду Котику.

Тој вели дека укажувањето се смета за една од најефикасните алатки за борба против корупцијата. Организациите како што се Советот на Европа или Канцеларијата на Обединетите нации за борба против наркотици и криминал имаат подготвено меѓународни стандарди за оваа област, додека повеќето од земјите од Југоисточна Европа веќе имаат донесени и закони за заштита на укажувачите.