Thursday, Apr 18, 2024
HomeДЕНЕШНАРегионБалканските држави се обврзаа да не се блокираат на патот кон ЕУ

Балканските држави се обврзаа да не се блокираат на патот кон ЕУ

Земјите од Западен Балкан, на самитот во Виена се обврзаа дека нема да си го попречуваат интеграцискиот пат. Со декларацијата усвоена на самитот за Западен Балкан земјите учеснички се обврзаа дека меѓусебните несогласувања нема да ги злоупотребуваат една против друга во процесот на европските интеграции, како и дека ќе ја прифатат поддршката на Европската унија во решавањето на билатералните спорови.

На самитот е заклучено дека е потребно поголем напор за да се забрзаат домашните реформски процеси, како и борбата против корупцијата и организираниот криминал. Што се однесува до Македонија се наведува дека е неопходно да се зголемат напорите за изнаоѓање компромис меѓу Македонија и Грција за спорот со името.

Европската унија, пак, вети 600 милиони евра помош за западнобалканските држави. Парите ќе бидат наменети за енергетски, сообраќајни и железнички инфраструктурни проекти. Австрискиот вицеканцелар Рајнхолд Митерлинер рече дека со овој чекор Унијата сака да покаже дека не дава само изјави, туку и пари за конкретни проекти. Македонија најмногу ќе инвестира во енергетиката.

Европската Унија побара од Западен Балкан на следниот самит догодина да настапат со конкретни проекти, рангирани според приоритет.