Saturday, Apr 20, 2024
HomeИздвојувамеАждајата ги изеде и дрвјата кај УКИМ

Аждајата ги изеде и дрвјата кај УКИМ

Денеска е сабота, прв ден од викендот, прв ден кога работната класа во Македонија одмара од неделните работни обврски. Но, овој ден не е за одмор, вработените треба да си ја одработат средата која беше прогласена за неработен ден, поради акцијата „Ден на дрвото“.

Во гореспоменатата акција план на „совесните“ властодршци беше да се засадат над три милиони садници ширум републикава. Со ова, истите Тие кои сечеа и унаказуваа дрвореди низ цело Скопје, сега се претсавуваат како „ангелчиња“ на „зелената“ преродба на Македонија. Денот на дрвото дојде и пројде, се сликаа, садеа и фалеа сите, од власти до обични граѓани.
dena-na-drvo-1За иронијата да биде поголема почитувани читатели, на граѓаните на Скопје „добро утро“ им посакаа сликите и вестите за исечените дрвја во комплексот на факултети кај Бит Пазар. Децениските дрвја кои беа лад и прибежиште во летниот период и заштита од дождот и снежните врнежи зиме, а најважно беа „белите дробови на УКИМ“ некој реши дека треба да им дојде крајот.
зелениоКако што вообичаено тоа бива во доцните ноќни часови кога сите спијат, а тие се сами, „аждајата“ тргна во поход. Тишината на зимската ноќ беше нарушена од звукот на разулавените моторни пили, кои се главното оружје во „зазеленувањето“ на Скопје. Вкупно 47 дрвја беа исечени на најподмолен начин, далеку од очите на јавноста а со цел да се задоволат туѓите хирови.

ukimПросторот кој некогаш беше зелена оаза наскоро ќе мора да ги вдоми бетонските камен темелници на факултетите за информатички науки и компјутерско инжинерство (ФИНКИ), и Факултетот за физичка култура, планирани секако во барок.
барокПодлоста на властите оди до таму што преку соопштение од Град Скопје остро реагираат на обвинувањата кон нив за „зелениот масакр“.

„Градот Скопје сака да нагласи дека ЈП „Паркови и зеленило“ на Град Скопје не ги исече дрвјата во Универзитетскиот кампус, во претходното деноноќие“, велат во соопштението до медумите.

Небаре тие не се виновни за ваквиот кукавичлук, туку Тие само дале дозвола да се исечат дрвјата, но не ги исекле…

iseceni_drvja-540x400

Секако ниту еден проект не би бил комплетен без поставувањето на лимените огради, како најава за стиропорниот барок. Па така, сега наместо зеленило и воздух студентите и граѓани кои поминуваат таму ќе гледаат сив лим налепен со изборни плакати од оние кои ќе го бараат нивниот глас.

тараби

Во период кога Скопје се „дави“ во магла и загадување, а граѓаните се` повеќе се жалат на здравствени проблеми како последица на ова, некој и понатаму си ја тера својата агенда. Агендата која го доведе Скопје до работ на опстанокот, агенда која го уништи здравјето на граѓаните и здравјето на македонскиот буџет.

skopje-pod-gusta-magla

Но, наближува денот за демисија на актуелниот премиер. Дотогаш, веројатно, ќе се потруди максимално да продолжи со „препородувањето“ на Скопје, како што Тој и неговиот колега Трајановски го замислиле.

Чуму сите најави за бесплатен превоз, бесплатни театри, бесплатна жичарница и што уште не, кога се прави една ваква неповратна штета, чии последици ќе ги трпиме сите.

никола2

Белите дробови кај комплексот факултети „паднаа“ на испитот, ќе паднат ли и граѓаните на претстојниот испит или конечно ќе се потрудат за „преодна“ оценка.

„Аждајата“ ги изеде дрвјата кај УКИМ…


Автор: Никола Станков

Не е дозволено преземање на оваа содржина без согласност од редакцијата на Позитив.мк, освен со линк до конкретната страница