Tuesday, Oct 17, 2017
HomeДЕНЕШНАРегионАвионот на бугарскиот премиер втор пат во 6 месеци принудно слетува

Авионот на бугарскиот премиер втор пат во 6 месеци принудно слетува

Авионот со кој патувал бугарскиот премиер Бојко Борисов вчера го имал вториот дефект во последните шест месеци поради што морал принудно да слета на аеродромот во Варна од каде претходно полетал, соопштија неговиот кабинет и министерството за сообраќај.

Уредот за слетување на авионот од типот „Falcon 200“ не се повлекол по полетувањето, по што воздухопловот морал да кружи над Црното Море за да потроши дел од горивото, според процедурата за принудно слетување, а потоа слетал во Варна.

„Животот и здравјето на патниците во ниту еден момент не беа загрозени“, се додава во соопштението на министерството за сообраќај. Борисов требаше да се врати во Софија вчера вечер со друг авион, откако не успеа да стигне на свеченоста во Пловдив.

Истиот владин авион на 11-ти февруари годинава на летот од Софија за Брисел, исто така со премиерот Борисов, мораше да се врати на аеродромот во бугарската престолнина, бидејќи повторно трапот за слетување не се вовлече. Министерот за сообраќај, Ивајло Московски изјави во вечерниот дневник на телевизијата бТВ дека проблемот очигледно не може да се отстрани и авионот ќе биде вратен на производителот во Франција.

извор:Макфакс