HomeДЕНЕШНАПолитикаАтентатот врз Глигоров ќе остане вечна мистерија

Атентатот врз Глигоров ќе остане вечна мистерија

И по 21 година нема никаков одговор кој го нарача и изврши атентатот врз Киро Глигоров, првиот претседател на независна Македонија кој беше таргетиран со автомобил бомба во 1995-та, но тогаш успеа да ја преживее експлозијата, додека пак неговиот возач Александар Спировски загина а беше повреден неговиот телохранител Илчо Теовски. На повредите подоцна им подлегна и Ристо Хаџиманов, кој бил случаен минувач. Во атентатот извршен со повеќе од 20 килограми моќна експлозивна мешавина од неколку вида експлозиви, Глигоров го загуби едното око, но преживеа и по неколку месеци продолжи да ја извршува функцијата.

kiro-gligorov-atentat

Истрагата спроведена од македонските служби за безбедност веднаш по атентатот е направена со многу формални и неформални пропусти, така што до денес, официјално, нема ниту осомничени, ниту обвинети лица. Според официјалните полициски информации, во врска со атентатот биле легитимирани 188.250 лица, се извршила контрола на 115.000 моторни возила, биле претресени 18.929 граѓани и 30.850 возила. Во исто време биле прегледани 15.000 објекти и 20.250 различни моторни возила.

atentat-7

Атентатот се случи еден ден по враќањето на Глигоров од Белград, каде беше на разговори со тогашниот лидер на Србија Слободан Милошевиќ и само неколку дена пред ратификацијата на привремената спогодба со Грција.

Тогашен премиер беше Бранко Црвенковски, претседател на парламент Стојан Андов, министер за внатрешни работи Љубомир Фрчкоски, шеф на Службата за државна безбедност Слободан Богоески…

Првиот ден на 3-ти октомври во попладневните часови, Македонската телевизија објави дека во близина на местото на атентатот „биле забележани две сомнителни лица со бради“ , кои со „еено 9“ со велешка регистрација, се упатиле во непознат правец.

Дури дваесет иеден ден по атентатот, Фрчкоски излезе во јавноста со сомневања дека зад атентатот стои бугарската компанија Мултигруп. Подоцна оваа теза се покажа сосема погрешна и беше напуштена. Легендарниот шеф на компанијата, Илија Павлов, кој самиот стана жртва на атентат во март 2003, беше и лично кај Глигоров, да го убеди дека нема ништо со атентатот од 3-ти октомври 1995-та.

По повеќе години по атентатот врз Глигоров, некои од тогаш клучните лица кои биле на функции или биле инволвирани во истрагата тогаш или подоцна, како што се Фрчкоски или екс министерот за внатрешни работи Павле Трајанов, тврдат дека најмалку испитана опција во истрагата била таа, дека зад атентатот стојат српски воено-полициски кругови.

Десет години по атентатот, многу лица кои на некаков начин беа поврзани со самиот настан или со :подоцнежната истрага, веќе не се меѓу живите или пак формално се водат како исчезнати.

Киро Глигоров (Штип, 3 мај 1917 – Скопје 1 јануари 2012) беше прв претседател на самостојна и независна Република Македонија. Тој беше на чело државата од 1991 до 1999, односно два претседателски мандати. Глигоров за овој настан напиша и книга „Атентат-ден потоа“ објавена во 2002 година.

Извор: makfax.com.mk

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com